(ВИДЕО) Трамп има секакви идеи: Атлантикот или Пацификот ќе го наречеме „Трампов океан“

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера предложи преименување на нови водни површини, откако претходно се обиде да ги смени имињата на Мексиканскиот Залив и езерото Онтарио, објави „Вашингтон пост“.

„Добивме залив. Добивме прекрасно езеро“, рече Трамп на собир во Кларксвил, во сојузната држава Тенеси. „Сега некој ми вели: ти треба река. Ни треба река. Ни треба океан.“

Трамп потоа се пошегува со идејата за преименување на Атлантскиот или Тихиот Океан, навестувајќи дека новото име би можело да го носи и неговото презиме.

„Ќе го наречеме ‘Трампов океан’ или, да речеме, ‘Океан Америка’, нешто во тој стил“, рече Трамп пред присутните, кои реагираа со смеа и аплауз.

„Пред да ја напуштам функцијата, мислам дека треба да добиеме еден океан. И ни треба една голема река“, додаде тој.

Минатата година Трамп веќе го преименуваше Мексиканскиот Залив во Американски Залив, што предизвика дипломатски тензии со Мексико и отворен спор со новинската агенција Асошиејтед прес, која одби да го користи новото име.

Во август отиде чекор понатаму и го преименуваше езерото Онтарио, кое се наоѓа меѓу американската сојузна држава Њујорк и Канада, во Американско Езеро. Тој потег го направи во период на царински и трговски несогласувања со канадските власти.

Претседателот на САД може со извршни наредби да ги менува официјалните имиња на водни површини и други географски локации во рамките на американскиот систем на именување. Приватните технолошки компании што управуваат со интернет-карти во голема мера брзо се приспособија на новите називи.

Во говорот во саботата, Трамп појасни дека нема да ја преименува реката Хадсон, која тече низ Њујорк, градот во кој е роден. Реката го носи името на истражувачот Хенри Хадсон.

„Човекот добро си ја завршил работата кога го именувал тоа пред многу време“, рече Трамп.

Тој додаде дека нема да го менува ниту името на реката Мисисипи, која ја формира западната граница на Тенеси, истакнувајќи дека има посебна наклонетост кон сојузната држава Мисисипи поради изборните резултати.

„Го сакам Мисисипи. Таму победивме со огромна разлика“, рече Трамп.

Минатиот месец Трамп предложи и сојузната држава Ново Мексико да го смени името во „Нова Америка“.

За таква промена би била потребна согласност од самата сојузна држава и од Конгресот, па минатата недела Трамп порача дека конечната одлука зависи од жителите на Ново Мексико.

„Нема да инсистирам, но на многу луѓе навистина им се допаѓа идејата“, рече американскиот претседател.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: „Фокс њуз“ праша еден човек зошто дошол на митингот на Трамп, одговорот стана хит

(ВИДЕО) Трамп до новинар на Ројтерс: Одвратен си, болен си

САД ги предупредуваат сојузниците да се подготват за можни напади врз Иран по изборите

Трамп размислува за укинување на санкциите кон Русија

(ВИДЕО) Синот на Болсонаро побегна во САД по изборниот пораз, Трамп му одобри виза

Горан Наумовски

ВИДЕО: Демократите го обвинуваат Трамп за сексуално злоставување девојки поврзани со Епстин, бараат независна истрага