Талибанските борци денеска со палки претепаа неколку демонстрантки и пукаа во воздух во обид насилно да ја растераат малата група која протестираше во главниот град на Авганистан, само неколку дена пред првата годишнина од враќањето на екстремните исламисти на власт.
Откако ја презедоа власта во земјата на 15 август минатата година, талибанците укинаа многу од правата за кои се бореа авганистанските жени за време на 20-годишната воена интервенција на САД во Авганистан.
Четириесетина жени, извикувајќи „леб, работа и слобода“, маршираа пред зградата на Министерството за образование во Кабул, но талибанците набрзо ги растераа пукајќи од оружјето во воздух, јави дописникот на АФП.
Некои демонстрантки, кои се обидоа да се засолнат во најблиските продавници, беа бркани и тепани од талибанските борци. Жените кои протестираа носеа транспарент со натпис „15 август е црн ден“ и бараа право на работа и учество во политиката во земјата.
“Правда, правда! Доста ни е од незнаење!” скандираа насобраните жени, од кои многу не носеа прекривки за лице.
„За жал, набрзо пристигнаа талибанците од разузнавачката служба и пукаа во воздух. Тие ги растераа девојчињата, ни ги искинаа транспарентите и на многу девојки им ги одзедоа мобилните телефони“, изјави Жолија Парси, една од организаторите на протестот.
Талибанците, исто така, претепаа некои новинарки кои известуваа за протестот, прв собир на жени по неколку месеци, јави дописникот на АФП од местото на настанот.
Откако ја презедоа власта во земјата минатата година, талибанците им ветија на жителите поблага верзија на строгите исламистички закони кои го одбележаа нивното прво владеење од 1996 до 2001 година.
Но, тие многу брзо воведоа бројни ограничувања, особено кога станува збор за жените, сакајќи да ја спроведат својата строга визија за исламот.
На десетици илјади девојчиња веќе не им е дозволено да посетуваат средни училишта, а на жените исто така им е забрането да работат во државните служби. Меѓу другото, талибанците им забраниле сами да патуваат на долги патувања. Јавните градини и паркови во главниот град можат да се посетат само во деновите кога таму нема мажи.
Во мај, врховниот водач на земјата и шеф на талибанците Хибатула Ахунџада донесе декрет дека жените во јавноста мора да бидат целосно покриени, дури и лицето – по можност со бурка.
Обединетите нации и групите за човекови права постојано ја критикуваат талибанската влада за воведување ограничувања за жените.
Таквата политика укажува на „шема на апсолутна родова сегрегација, а нејзината цел е да ги направи жените целосно невидливи во општеството“, изјави за новинарите Ричард Бенет, специјалниот известувач на ОН за човекови права во Авганистан, за време на посетата во мај.
Некои Авганистанки првично се обидоа да им се спротивстават на талибанците со мали протести, но тие брзо ги приведоа организаторите на собирите, а подоцна негираа дека се уапсени.