ВИДЕО: Страв од нова мобилизација во Русија, осум пати зголемени барањата за итна помош при иселување

Од:

Руски граѓани во страв од нов бран воена мобилизација масовно ја напуштаат земјата пред евентуално воведување нови ограничувања за излез преку границата, објави „Еуроњуз“, повикувајќи се на податоци од антивоената организација „Ковчег“.

Бројот на барања за итна помош при иселување и за правни совети поврзани со напуштањето на Русија од почетокот на летото се зголемил речиси осум пати. Во исто време, интернет-пребарувањата за изразите „како да се замине“ и „мобилизација“ достигнале највисоко ниво од почетокот на 2023 година.

Новиот бран на заминувања се совпадна со тридневните парламентарни избори за руската Државна дума. Критичарите на Кремљ и неколку западни влади со недели предупредуваат дека Москва би можела да прогласи нова масовна мобилизација за пополнување на единиците на фронтот во Украина по завршувањето на изборите, со цел непопуларната мерка да не влијае врз изборниот процес.

Дополнителен страв кај граѓаните предизвика и масовниот украински напад со дронови и ракети во ноќта меѓу саботата и неделата, на последниот ден од парламентарните избори.

Според извештаите, украинските сили ја погодиле рафинеријата на „Газпромњефт“ во Москва, по што руската престолнина во утринските часови била покриена со густ чад.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека нападите со оружје со долг дострел имале силен ефект во московскиот регион. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, пак, изјави дека низ земјата биле соборени повеќе од 1.600 дронови, од кои 450 биле насочени кон Москва. Тој нападот го опиша како најголем врз главниот град од почетокот на војната.

Иако рускиот претседател Владимир Путин шпекулациите за нова мобилизација ги нарекува „целосна бесмислица“, независни руски медиуми објавија дека властите од почетокот на летото веќе 17 пати официјално демантирале дека се подготвува нов бран на мобилизација.

Јан Словицки, активист за човекови права и координатор на проектот „Ковчег“, вели дека луѓето заминуваат поучени од искуството од 2022 година.

„Од средината на јули во Русија расте паниката поврзана со ризикот од мобилизација, недостигот на гориво и прекините на интернетот. Луѓето заминуваат однапред бидејќи добро се сеќаваат што се случи за време на претходните бранови. Ерменија веќе е пред мигрантска криза, ако не и среде неа“, изјави Словицки од Ереван, каде што ги пречекува новите бегалци.

Според организациите што помагаат при преселување, бројот на дневни барања за помош се зголемил од 70 на 120 во однос на јули.

Подготовките за нов повик веќе се забележуваат и на терен. Десетици илјади граѓани добиле известувања со детални инструкции за постапката во случај на повик за воена служба.

Во Русија е воведен и електронски регистар на воени повици, според кој забраната за напуштање на земјата стапува на сила автоматски во моментот кога ќе биде издаден повикот.

Првите такви случаи веќе се регистрирани на границите. На почетокот на септември, граничната полиција во Краснодар запрела 24-годишен маж од Ростовската област, кој во 2024 година ја отслужил воената служба, и му врачил решение за забрана за излез од земјата.

Даниил Неонов, поранешен кандидат за пратеник во Московската градска дума, раскажал дека успеал да ја напушти Русија во последен момент.

„Да чекав уште ден или два, сигурно немаше да ме пуштат бидејќи ќе ми го блокираа излезот. Добив електронски повик, но сепак успеав да излезам“, изјавил Неонов.

Според извештаи на меѓународни медиуми, стравот од испраќање на фронтот ги зафатил и дел од припадниците на елитата, како и вработени во регрутните служби, кои почнале да отвораат банкарски сметки во странство и да го префрлаат имотот надвор од земјата.

Украинскиот претседател Зеленски во август, повикувајќи се на разузнавачки информации, предупреди дека Кремљ планира до крајот на годината итно да мобилизира неколку стотици илјади луѓе, со најмалку ист број и во текот на следната година. Москва официјално не ги коментираше овие тврдења.

Како и претходно, најголем дел од оние што ја напуштаат Русија заминуваат во земји за кои не им е потребна виза – Ерменија, Грузија и Казахстан.

Ерменските власти соопштија дека подготвуваат програми за поддршка на новопристигнатите руски државјани.

Точниот обем на актуелниот бран сè уште не е познат, но се проценува дека е помал од оној во есента 2022 година, кога за само неколку недели Русија ја напуштиле меѓу 600.000 и 700.000 луѓе.

Делумната мобилизација од 2022 година никогаш официјално не била поништена, а војниците што тогаш биле испратени на фронтот сè уште не се демобилизирани.

„Многу е тажно да ја напуштам Русија. Тука ми е семејството, стариот дедо и баба. Тука ми е и девојката, која сè уште е на медицинска специјализација и ужасно ми е тешко да ја оставам“, изјавил 28-годишен маркетинг-специјалист, кој сакал да остане анонимен.

На изборите за руската Дума учествуваат партии кои ја поддржуваат војната во Украина. На партијата „Јаблоко“, чија програма се темелела на итен прекин на огнот и мировни преговори, Врховниот суд во август ѝ забрани учество на изборите.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Тензично на истокот на НАТО поради Русите: „Не зборуваме јавно за многу сценарија“

Европа се подготвува за конфликт со Русија: анализата на CNN открива дека коридорот Сувалки е најранливата точка на НАТО

Медведев одговори на новите санкции од Трамп

Катерина Ѓуровски

Полска предупредува на руска ескалација, НАТО вели армијата и оружјето се подготвени

(ВИДЕО) Путин има порака за Европа: Оставете не да живееме мирно, инаку ќе реагираме

ВИДЕО: Трамп го потпиша законот за новите санкции за Русија