Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев порача дека Русија треба да одговори со „директно воено одвраќање“ на новите американски санкции, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша пакет мерки насочени кон Москва.
„И преку океанот го слушаат само јазикот на директен воен одговор и токму на тој јазик треба да одговориме на русофобични гадости како што е законот на Греам“, напиша Медведев на Телеграм.
Медведев, кој сега е заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, не објасни што конкретно би подразбирал таквиот одговор, ниту најави одредена руска воена акција.
Трамп вчера го потпиша законот со кој САД значително ги прошируваат санкциите и другите економски мерки против Русија поради војната во Украина.
Белата куќа потврди дека законот ги проширува санкциите, царините и забраните поврзани со Русија, а истовремено ги продолжува и постојните санкции против Иран.
Мерките опфаќаат руски функционери, банки, енергетскиот и одбранбениот сектор, како и бродови од таканаречената руска „флота во сенка“, преку која Москва ги заобиколува ограничувањата за извоз на енергенси.
Законот му дава овластување на американскиот претседател да воведува царини до 100 отсто за најголемите купувачи на руска нафта или гас, со одредени исклучоци.
По повеќемесечни преговори, законот беше усвоен со големо мнозинство во Конгресот – со 86 гласа „за“ и 11 „против“ во Сенатот и 262 „за“ и 159 „против“ во Претставничкиот дом.
Пакетот го носи името на републиканскиот сенатор Линдзи Греам, кој повеќе од една година работеше на него заедно со демократскиот сенатор Ричард Блументал.
Греам почина ненадејно во јули, кратко по враќањето од Украина, а законот беше еден од последните големи проекти на кои работеше.
Во денешната објава Медведев го нарече Греам „мртов терорист“, продолжувајќи со остриот тон во своите пораки кон Украина, САД и други западни земји.
Медведев и претходно во повеќе наврати говореше за можноста за воен одговор кон Западот, вклучително и за употреба на нуклеарно оружје, и ги предупредуваше земјите од НАТО за последиците од нивната воена поддршка за Украина.
Неговата денешна изјава засега останува политичка закана без најавени конкретни воени мерки. Кремљ не соопшти дека подготвува посебен план за воен одговор на новиот американски закон.
