(ВИДЕО) Тензично на истокот на НАТО поради Русите: „Не зборуваме јавно за многу сценарија“

Од:

Литванија подготвила планови за евакуација за различни сценарија во случај на безбедносна ескалација, но нема намера да се предаде доколку биде нападната, изјави литванскиот премиер Миндаугас Синкевичиус во интервју за Би-би-си.

Тој рече дека граѓаните се чувствуваат „под постојана закана“ од Русија, меѓу другото и поради инцидентите со беспилотни летала кои навлегуваат во воздушниот простор на земјата.

Синкевичиус нагласи дека, во случај на напад, Литванија ќе возврати и ќе се вклучи во борбите. Според него, властите имаат подготвено планови за различни сценарија, вклучително и организирано преместување на постарите граѓани од градовите за да се избегне создавање сообраќаен хаос.

„Разгледуваме различни сценарија, а за многу од нив не се зборува јавно“, изјави литванскиот премиер.

Литванија е членка на НАТО и граничи со руската Калининградска област.

„Се соочуваме со конкретни закани. Тие не се случуваат секој ден, но ги чувствуваме и тоа е нашата реалност“, рече Синкевичиус, повикувајќи ја и Велика Британија да го преиспита својот пристап кон одбраната.

Изјавите доаѓаат една недела откако борбени авиони на НАТО соборија дрон кој навлегол во литванскиот воздушен простор. Потеклото на леталото официјално не е потврдено, но литванскиот министер за одбрана Робертас Каунас изјави дека дронот дошол од правец на Белорусија.

Инцидентите со беспилотни летала во воздушниот простор на европските земји се почести од почетокот на руската инвазија врз Украина. Во мај во Вилнус беше прогласена воздушна тревога поради опасност од дрон, при што накратко беа прекинати воздушниот и железничкиот сообраќај.

НАТО повеќепати пресретнувал и украински дронови кои поради отстапување од предвидената траекторија влегле во воздушниот простор на балтичките земји. Украина за дел од овие инциденти го обвинува руското електронско војување, за кое тврди дека може да влијае врз траекторијата на беспилотните летала.

Литванија, Латвија и Естонија се членки на НАТО од 2004 година. Со членството е опфатен и членот 5 од Северноатлантскиот договор, според кој вооружен напад врз една членка се смета за напад врз целиот сојуз.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Украинците со дронови го погодија најголемиот руски дата-центар

SpaceX, без најава, го ограничи Starlink за украинската војска

ВИДЕО: Русите жестоко го нападнаа Киев, Украинците ги обвинуваат сојузниците

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Повторно погодени бродови во Црното Море кај Бугарија

Катерина Ѓуровски

Европа контра Трамп, подготвува нов пакет санкции за Русија

ВИДЕО: Зеленски изненаден од објавата на Трамп, но го прифаќа примирјето, се чека Путин