Боливиецот Џонатан Акоста, кој беше пронајден по 31 ден талкање по џунглата на Амазон, откако се изгуби кога се одвоил од четворицата пријатели додека биле на лов во северна Боливија, опиша како успеал да преживее.
Акоста вели дека пиел дождовница собрана во неговите чевли и јадел црви и инсекти додека се криел од дивите животни.
На крајот го пронашле локалните жители и неговите пријатели по еден месец потрага.
A Bolivian man, who claims to have been missing in the Amazon rainforest alone for a month, recounts eating insects and worms to stay alive pic.twitter.com/WLXAOEu9T1
— Reuters (@Reuters) March 1, 2023
„Неверојатно е, не можам да верувам дека луѓето ме бараа толку долго. Јадев црви, јадев инсекти, нема да верувате што морав да направам за да преживеам сето ова време. Благодарен сум на Бог затоа што ми даде нов живот“, низ солзи вели Акоста, додавајќи дека јадел и диво овошје слично на папаја, локално познато како гаргати.
Неговото семејство објави дека допрва треба да се реконструира како Акоста се изгубил и како успеал да остане жив, но дека постепено ќе го испрашуваат бидејќи тој е сè уште психички исцрпен по искуството.
Боливиецот изгубил 17 килограми, имал изместен скочен зглоб и бил дехидриран кога го пронашле, но според оние кои го пронашле, тој сепак можел да оди со кривење.
Брат ми ни кажа дека кога четвртиот ден го дислоцирал зглобот почнал да се плаши за својот живот“. Имал само еден куршум во пушката и не можел да оди, а мислел дека веќе никој нема да го бара“, изјави Хорасио Акоста, помладиот брат на преживеаниот.
Џонатан Акоста немал мачета или батериска ламба на себе кога се изгубил и морал да ги користи чизмите за да собира дождовница за пиење, а на своите роднини им рекол дека имал средби со диви животни, меѓу кои и јагуар.
Неговиот помлад брат вели дека Џонатан го искористил својот последен патрон за да заплаши стадо пекари, кои се животни слични на свињи кои живеат во дождовните шуми во Јужна Америка.
По 31 ден, Акоста ја забележал групата за потрага на околу 300 метри и со кривење тргнал кон нив низ грмушките од трње, викајќи за да привлече внимание кон себе.
Во меѓувреме, полицијата соопшти дека ќе ги испраша четворицата пријатели на преживеаниот за да се расчисти како тој се разделил од нив.