Снимки каква што е оваа, направена во еден супермаркет во Рио де Жанеиро изминатиов викенд, навикнавме да гледаме последниве години пред божиќните и новогодишните празници – маса луѓе се туркаат за да купат некој производ за промотивна цена што важи само тој ден и само за купувачите што први ќе се снајдат да грабнат од ограничениот број артикли.
Но, сцените забележани викендов во Бразил се случуваат среде најголемата пандемија на модерното време, во третата земја во светот според бројот на заразени со коронавирусот (7.3 милиони случаи) и во која досега од Ковид-19 починаа над 188.000 луѓе.
Стотици луѓе нагрнаа „еден врз друг“ и направија страшна турканица во супермаркетот Гуанабара, во населбата Бангу во Рио. Сцената наликува на масовна шопинг-битка – секој купувач се бори само за себе, а луѓето буквално се фаќаат за гуша околу апарати за кафе и платнени столици, како од тоа да им зависи животот.
Дел од корисниците на Твитер, каде што прво беше објавено видеото, коментираат дека и да немаше пандемија, би било опасно да се биде во ваква гужва.
Во Бразил на сила и натаму се редица антиепидемиски мерки, но рестрикциите беа олабавени на почетокот на месецов за да им се излезе во пресрет на трговците пред празниците.
Потегот на властите наиде на критики во јавноста, а граѓаните коментираат и дека на продавниците и трговските центри дополнително им се прогледува низ прсти околу важечките мерки, за да се одржи потрошувачката во трговијата во претпразничните денови.