ВИДЕО: Очајничка трка со времето во Венецуела за пронаоѓање преживеани

Од:

Најмалку 920 лица загинаа, а 3.360 се повредени во разорните земјотреси што ја погодија Венецуела, покажуваат најновите официјални податоци. Спасувачките екипи и натаму трагаат по преживеани под урнатините, додека илјадници семејства очекуваат вести за своите најблиски.

Двата силни земјотреси ја погодија земјата во средата во интервал од само неколку секунди. Вториот земјотрес, со јачина од 7,5 степени според Рихтер, е еден од најсилните што ја погодиле Венецуела во последните сто години.

Најпогодена е сојузната држава Ла Гуаира, северно од Каракас, каде што се урнати или тешко оштетени стотици згради, меѓу кои болници, трговски центри и друга важна инфраструктура.

Според властите, околу 50.000 лица се водат како исчезнати, а се стравува дека бројот на жртвите ќе продолжи да расте. Најмалку 172 лица сè уште се заробени под урнатините, додека во Ла Гуаира досега се спасени 243 луѓе.

Потресни сведоштва пристигнуваат од погодените подрачја. Наташа Дијаз за Би-Би-Си изјави дека нејзините две ќерки, на возраст од 22 и 23 години, останале затрупани во урнатиот трговски центар каде што работеле.

„Само сакам да ги пронајдат. Верувам дека сè уште се живи. Тие се сè што имам“, изјави таа.

Вршителката на должност претседателка Делси Родригез соопшти дека десетици луѓе биле извлечени живи, а по главните потреси се регистрирани 214 последователни земјотреси.

Здравствениот систем, кој и претходно се соочуваше со сериозни проблеми, сега е под огромен притисок. Лекарите предупредуваат дека во болниците недостигаат лекови, медицинска опрема и основни материјали за лекување.

Во меѓувреме, во Венецуела пристигнува меѓународна помош. Спасувачки тимови од Велика Британија, САД, Холандија, Мексико и Швајцарија веќе се на терен, а Вашингтон најави и 150 милиони долари хуманитарна помош, како и испраќање транспортни авиони и воени бродови.

Една од ретките охрабрувачки вести е спасувањето на три деца од урнатините во Ла Гуаира, снимка која стана симбол на надежта среде големата трагедија.

Меѓу загинатите е и сопругата на венецуелскиот фудбалер Хектор Бело, која го загубила животот спасувајќи ја нивната ќерка. Во емотивна објава тој напиша дека еден ден ќе ѝ раскаже на својата ќерка како нејзината мајка го жртвувала својот живот за да ја спаси.

Разорните земјотреси ја погодија Венецуела во период кога земјата веќе се соочува со длабока политичка и економска криза, а меѓународните организации предупредуваат дека ќе биде потребна долгорочна хуманитарна помош за закрепнување на погодените подрачја.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Соседите од долните катови се закопани, се обидуваме да ги извлечеме, очајна сосотојба во Венецуела

ВИДЕО: Пристигнува меѓународна помош во Венецуела

(ВИДЕО) Расте бројот на жртви во Венецуела: илјадници се исчезнати, спасувачите во трка со времето

ВИДЕО: Страотни снимки од воздух ги покажуваат димензиите на катастрофата во Венецуела

Бројот на жртви во Венецуела се искачи на 188

А1он

Сеизмолози: Ова во Венецуела не беше класичен земјотрес, туку редок феномен – двојно расцепување

А1он