Полицијата употреби водени топови за да растера околу 200 десничари собрани на главниот плоштад во Брисел, претворен во меморијален центар на жртвите во нападите од 22 март во белгискиот главен град.
Десничарите се вмешале меѓу граѓаните кои оддавале почит на загинатите, јави РТС.
– Ние сме хулигани и тука сме дома, извикуваа демонстрантите во црна облека на бриселскиот плоштад на кој собирот под назив „Марш против стравот“, што беше предвиден за денеска, е откажан од безбедносни причини по препорака на белгиските власти.
Граѓаните дојдоа да оддадат почит наспроти полициската забрана за собирање.
Најмалку еден демонстрант е приведен.
Група десничари се појавија на главниот бриселски плоштад со транспарент „Марш против стравот“, за да потоа се измешаат со граѓаните кои дошле да оддадат почит на жртвите.
Десничарите потоа се обратиле на муслиманките во групата, извикувајќи нацистички пароли и поздрави, како и слогани против Исламска држава, пренесува Би-би-си.
Според првичните информации на полицијата, се работи за фудбалски навивачи, кои на граѓаните кои дошле мирно да им оддадат почит на жртвите, дофрлувале дека се „соучесници со терористите“.
Во три експлозии на 22 март во Брисел, загина 31 и ранети се околу 300 лица.