„Човекот-змија“ Бернардо Алварез, славен во родните Филипини поради неговата способност да скротува змии, настрадал откако го каснала кобра која се обидел да ја бакне, јавија локалните медиуми.
Алварез тврдел дека е имун на змискиот отров, често би повикуван да ги изнесува змиите кои влегуваат во домовите на луѓето во градот Мангалдан. Во неделата, тој добил таков повик од еден сосед, во чијашто куќа влегла севернофилипинска кобра. Тој успешно ја извадил змијата, но потоа ризично ја доближил до устата, обидувајќи се да ја бакне.
Но, кобрата наеднаш нападнала и го каснала за јазикот, пишуваат локалните медиуми.
Според сведоштвата, тој вреснал од болка и ја пуштил змијата, а потоа паднал и починал додека комшиите чекале да дојде медицинска помош. Лекарите се обиделе да го повратат Алварез, но тој веќе не реагирал, откако телото му било укочено од ефектите на отровот. Гневните соседи ја убиле кобрата.
„Полицаецот и лекарот пристигнаа и го прегледаа, но немаше пулс и се обидоа да го оживеат. Не успеаја, затоа што отровот на кобрата беше пресилен,“ раскажа неговата сестра, Тереза Ока.
Севернофилипинската кобра е позната како една од најотровните змии во светот, а нејзините токсини го напаѓаат респираторниот систем на жртвата, па едно каснување често е смртоносно.