Најмалку 25 луѓе загинаа, а стотици се повредени во најголемата ерупција на вулкан во последната деценија што се случи вчера во Гватемала.
Вулканот Фуего кој се наоѓа на околу 40 километри од Гватемала Сити, исфрли камења, црн чад и прашина во небото. Лава го покри селото Ел Родео, убивајќи луѓе кои останале заробени во куќите и не успеале да избегаат. Би-би-си објави видео од сведоштво на една жена која успеала да избега, но според неа многу луѓе загинале бегајќи. Меѓу загинатите има и деца и еден член од спасувачките служби.
Претседателот на Гватемала Џими Моралес прогласи тридневна жалост.
Шефот на националната агенција за справување со катасторфи Сергио Кабањас рекол дека лавата целосно го уништила селото Ел Родео и дека надлежните не се во можност да пристапат до селото Ла Либертад каде според него сигурно има жртви. Надлежните соопштија дека од ерупцијата се загрозени 1,7 милиони луѓе.
Видеата кои се објавени на интернет прикажуваат вознемирувачки сцени од трупови како пловат над лавата и преплашени луѓе прекриени со прашина.
Ерупцијата на вулканот е најсилна досега од 1974 година.