Непалските власти потврдија дека бројот на загинати во катастрофалните поплави и одрони во Непал и Тибет се искачил на најмалку 633 лица. Во Непал се потврдени 626 загинати, додека на тибетската страна на границата се регистрирани уште седум жртви.
Потрагата продолжува по речиси 3.000 исчезнати лица. Според непалските власти, 2.426 лица сè уште се водат како исчезнати, додека кинеските државни медиуми известуваат за уште 554 исчезнати на тибетската страна од границата. Меѓу исчезнатите има стотици странски туристи, верници и работници.
Во непалскиот округ Читван досега се пронајдени 233 тела, но идентификувани се само четири лица.
„Телата и посмртните останки пронајдени во здравствените установи и покрај речните брегови се во фаза на распаѓање и повеќе не можат да бидат идентификувани“, соопштија локалните власти.
Останатите 229 тела се сместени во привремени центри и здравствени установи. Властите продолжуваат со земање и евидентирање примероци од ДНК во обид да се утврди идентитетот на жртвите.
Непал побара меѓународна техничка и специјализирана помош по катастрофалните поплави што го погодија подрачјето долж границата со Кина, но засега не бара странски спасувачки екипи за општи операции за пребарување и спасување.
Министерот за надворешни работи Шисир Канал изјави дека на Катманду му е потребна помош за извлекување луѓе заробени во тунели, обновување на сообраќајните и комуникациските врски на местата каде што се урнати мостови, идентификација на телата, ДНК-анализи и долгорочно чување
на посмртните останки.
„Веќе поднесовме барања за такви специјализирани услуги и техничка помош во областите каде што немаме доволно стручност и техничко знаење“, изјави Канал за „Ројтерс“.
Непалското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека земјата засега може самостојно да ги спроведува општите операции за пребарување и спасување.
Канал појасни дека Непал не сака да се дуплира работата што веќе ја извршуваат домашните спасувачки служби, но дека му е потребна помош во специјализирани области.
Од Индија и Кина е побарана помош за повторно воспоставување на премините и мостовите, со цел да се обноват сообраќајот и комуникациите во најтешко погодените области.
Катастрофата започнала во средата, кога дошло до одрон на дел од глечер и карпеста маса во Хималаите. Огромна водена буица, со мраз, камења, кал и вода, потоа се спуштила низ речните долини долж границата меѓу Непал и Тибет.
Според најновите податоци, најмалку 2.478 лица се водат како исчезнати. Непал соопшти дека на неговата страна од границата не се пронајдени 1.924 лица, додека кинеските власти за Тибет пријавиле повеќе од 550 исчезнати.
Меѓу исчезнатите има стотици странски туристи и верници. Непалските туристички власти претходно соопштија дека на нивната страна од границата како исчезнати се водат 517 странски државјани, додека на Тибет се пријавени уште околу 260 странци со кои не е воспоставен контакт.
Катастрофата го погодила подрачјето низ кое минуваат туристички и верски рути кон Тибет и светата планина Каилаш.
Меѓу исчезнатите има и стотици работници ангажирани на хидроенергетски проекти. Непалските власти наведуваат дека не се знае каде се 933 работници.
Особено сложена спасувачка операција се одвива кај хидроцентралата „Upper Trishuli-1“, каде што се стравува дека повеќе од 100 луѓе останале заробени во тунел затрупан со кал.
Лошото време и тешко пристапниот терен дополнително ја отежнуваат работата на хеликоптерите и спасувачките екипи.
Спасувачите досега евакуирале илјадници луѓе, но со текот на времето се намалуваат шансите за пронаоѓање нови преживеани.
Црвениот крст проценува дека катастрофата можела да погоди околу 93.000 луѓе.
Дополнителна опасност претставуваат новите езера што се формирале откако свлечишта и наноси ги блокирале речните текови. Властите стравуваат дека пукањето на ваквите природни брани би можело да предизвика нови разорни поплави.
Спасувачките операции веќе биле привремено прекинувани поради опасност од нови одрони и поплави, додека уништените мостови и патишта сериозно ја отежнуваат испораката на храна, вода и друга помош до најпогодените подрачја.
