(ВИДЕО) Нова катастрофа во Непал: поплава однесе куќи и мостови

Од:

Разорна поплава на реката Будхи Гандаки утрово однесе меѓу 35 и 40 куќи, повеќе мостови и дел од градилиштето на хидроцентрала во областа Горка, околу 100 километри западно од Катманду, Непал.

Според непалската полиција, поплавата ја предизвикало свлечиште што ја блокирало реката меѓу селата Локпа и Чумлинг, во општината Чумнубри. Откако водата ја пробила природната брана, надојдената река носела кал, камења и дрвја низводно.

Според началникот на општината Чумнубри, Нарајан Прасад Сапкота, кого го цитира весникот „Катманду пост“, водата однела меѓу 35 и 40 куќи во населените места Џагат Багар, Салери и Гатихола. Жителите во темнината бегале кон повисоките места, а некои од нив снимале како надојдената река ги носи куќите.

Поплавата урна два висечки пешачки моста, челичен мост во местото Соти и мостот кај Аругат, кој ги поврзува областите Горка и Дадинг. Шефот на непалската Агенција за намалување на ризиците од катастрофи, Дарам Раџ Упрети, потврди дека водата го однела и главниот мост меѓу двете области.

Уништени се и кампот и дел од опремата на градилиштето на хидроцентралата Будхи Гандаки, со планирана моќност од 341 мегават.

Според последните информации на локалните медиуми, пет лица се водат како исчезнати, а шест лица што ги зафатила поплавата беа спасени со хеликоптер.

Властите наредија евакуација на жителите покрај реката и ги предупредија населението во областите Горка, Танахун, Читван и источен и западен Навалпараси да се засолнат на побезбедни места, бидејќи нивото на водата и натаму осцилира.

Би можело да ве интересира

Бројот на жртви од поплавите во Непал се искачи на 1.344, речиси 5.000 се водат како исчезнати

(ВИДЕО) Двајца работници извлечени живи од тунел во Непал, девет дена по поплавите

А1он

Силен земјотрес го погоди Тибет

Бројот на жртви во поплавите во Непал достигна 903

Непал: Властите веруваат дека речиси 1.000 работници се заробени во тунели

Бројот на жртви од поплавите во Непал и Тибет достигна 676