ВИДЕО: Индија и Пакистан даваат знаци за смирување на кофликтот, си разменија пораки

Од:

Индија и Пакистан ги остварија своите први контакти по избувнувањето на кризата и разменија пораки, објавија светските агенции , при што пакистанскиот министер за надворешни работи Исхак Дар изјави дека Пакистан ќе размисли за мир доколку Индија ја прекине воената акција.

Тој за Geo News изјави дека му рекол на американскиот државен секретар Марко Рубио дека „топката е на теренот на Индија“, објави dpa.

„Војната не е наш приоритет и ние навистина сакаме мир, но без хегемонија на која било земја“, рече Дар, кој е и вицепремиер на земјата.

Дар рече дека неговите разговори со светските лидери, вклучително и Рубио и саудискиот министер за надворешни работи во саботата наутро, биле „позитивни“ и дека се надева оти разговорите со Индија би можеле да започнат.

На прашањето за контактот меѓу армиите на двете земји по последната рунда напади, Дар рече дека „се разменети пораки од двете страни“.

Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на индиски медиуми, јавува дека индиски и пакистански претставници разговарале денеска.

Ситуацијата се влоши денеска откако Пакистан почна напад на соседната земја во кој тврдеше дека уништил индиски систем за воздушна одбрана со хиперсонични ракети.

Нападот се случи откако Пакистан објави дека Индија истрелала проектили врз неколку воени бази.

Во објава на X, пакистанската влада рече дека индиските напади, чија цел биле три воени бази во Пакистан, биле одбиени без жртви или штета.

Пакистанската војска објави дека го нападнала индискиот град Адампур во државата Пенџаб, уништувајќи „систем С-400“ вреден 1,5 милијарди долари.

Исламабад соопшти дека Пакистан започнал контраофанзива за да ја одбрани својата територија, воздушен простор и националната безбедност.

По пакистанскиот напад, Индија објави дека „сите непријателски дејства биле ефективно потиснати и на соодветен начин одговориле“.

Пакистанскиот министер за одбрана, по нападот на неговата земја врз индиските воени постројки, негираше дека земјата свикала состанок на телото што ја надгледува употребата на нуклеарно оружје, објави Ројтерс.

Каваџа Асиф рече дека не е закажан состанок на Националната команда, највисокото воено и цивилно тело кое го надгледува нуклеарниот арсенал на земјата, по воената операција на Пакистан против Индија спроведена рано утрово.

„Ниту е одржан состанок на Националната команда, ниту е закажана таква средба“, изјави тој за ТВ АРИ.

Пакистанската војска претходно соопшти дека пакистанскиот премиер го свикал телото да се состане.

Американскиот државен секретар Марко Рубио разговараше со началникот на пакистанската армија, генерал Асим Мунир и индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар, повикувајќи ги двете страни да деескалираат и „повторно да воспостават директна комуникација за да се избегнат погрешни пресметки“.

„Пристапот на Индија отсекогаш бил одмерен и одговорен и останува таков“, објави Џаишанкар на X по неговиот разговор со Рубио.

Ескалацијата на тензиите меѓу двете нуклеарни сили беше предизвикана од терористичкиот напад во Кашмир под индиска управа во април, во кој загинаа 26 лица, главно индиски туристи.

Њу Делхи го обвинува Исламабад за вмешаност во нападот. Пакистан негира вмешаност и повикува на независна истрага.

Пакистан и Индија контролираат делови од Кашмир.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Индија и Пакистан се договорија за целосен прекин на огнот

ВИДЕО: Пакистан ја нападна Индија

(ВИДЕО) Премиерот на Пакистан жестоко се закани: Ќе се одмаздиме за секоја капка крв!

А1он

ВИДЕО: Војската на Пакистан доби дозвола да одговори на нападот од Индија

ВИДЕО: Долгата историја на конфликтот меѓу Индија и Пакистан

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Индиската војска за време на нападот објави пропагандно видео