Силна експлозија во фабрика за огномет во областа Магтаб рано утрово се слушна низ голем дел од Малта, а жителите пријавија скршени прозорци и тресење на зградите поради силата на детонацијата, објавува Малта Тудеј. Според првичните информации, повредени се две лица.
Експлозијата, велат тие, се случила околу 6:30 часот наутро во фабриката Та’ Лурдес. Полицијата е на местото на настанот и истрагата е во тек. Според првите информации, експлозијата избувнала во фабриката за огномет. Засега нема информации дали некој е повреден, според Малта Тудеј.
Две лица, на возраст од 67 и 47 години, двајцата од заливот Сент Полс, биле на полиња во близина на фабриката во времето на експлозијата и биле однесени во болница поради шок, објавија малтешките медиуми. И двајцата се здобиле со полесни повреди. Полицијата потврди дека ниту еден од работниците во фабриката не бил на местото на настанот во времето на експлозијата.
Жителите на околните градови изјавија дека ја слушнале експлозијата од растојание од неколку километри, додека други тврдат дека и тие го почувствувале ударниот бран.
Едно лице кое во тоа време ги шетало своите кучиња во паркот Кенеди Гроув го опишало застрашувачкото искуство:
„Бев во Кенеди Гроув со кучињата кога ја слушнав првата експлозија. На почетокот помислив дека е плинска боца. Потоа, околу пет минути подоцна, се слушнаа уште три експлозии едно по друго. Детонациите беа толку моќни што буквално почувствував како косата ми се движи од притисокот на ударниот бран, а сите дрвја околу нас се тресеа. Моите кучиња беа целосно исплашени. Никогаш во животот не сум бил толку исплашен – за момент навистина помислив дека сме под бомбардирање“.
Еден очевидец рекол дека некои прозорци биле скршени и дека делови од фасадата биле одвоени од барем една зграда.
Итни служби веднаш биле испратени на местото на настанот.
