ВИДЕО: Циклон уништи остров во Индискиот океан, се стравува дека има 1000 мртви

Од:

Околу илјада луѓе се стравува дека ги загубиле животите откако циклонот Чидо ја погоди француската територија Мајо, остров недалеку од Мадагаскар во Индискиот Океан.

„Мислам дека има неколку стотици мртви, можеби ќе се приближиме до илјада, дури и повеќе… со оглед на јачината на оваа бура“, изјави префектот на Мајо за локалната телевизија. Меѓутоа, моментално е „исклучително тешко“ да се добие точниот број на жртви.

Разорниот циклон Чидо предизвика огромни штети, а погодени беа и соседните острови Комори и Мадагаскар, па тешко е да се утврди точниот број на загинати. Чидо го продолжи своето патување и после тоа удри и во Мозамбик.

Според прогнозите на Метео-Франс, Чидо е најсилната бура што ги погодила островите во последните 90 години.

Ветровите со брзина од над 200 км/ч ги разнесоа покривите од куќите и уништија бројни згради. Главниот аеродром и болница беа исто така тешко оштетени.

„Моите мисли се со нашите сонародници во Мајо, кои ги поминаа најстрашните неколку часа, а некои изгубија сè, дури и своите животи“, рече францускиот претседател Макрон.

Новоизбраниот премиер Франсоа Бајру истакна дека многу жители на сиромашните населби, кои живеат во привремени засолништа, се во сериозна опасност поради циклонот.

Снимките од француската жандармерија покажуваат уништување на стотици импровизирани куќи расфрлани по ридовите. Еден жител на главниот град Мамуџу, Мохамед Исмаел, рече: „Она што го доживуваме е трагедија. Се чувствувате како да сте после нуклеарна војна. Видов како исчезнува цела населба“.

Една болница пријавила девет критично повредени лица, а други 246 повредени. Француското МВР посочи дека е тешко прецизно да се утврди бројот на жртвите.

Невремето го блокираше пристапот до две третини од островот, што го отежнува доставувањето помош и потрагата по преживеани.

Многу очајни членови на семејството ги користат социјалните мрежи за да најдат информации за своите најблиски, имајќи предвид дека комуникациските мрежи беа речиси целосно недостапни повеќе од 36 часа.

„Ситуацијата е катастрофална, апокалиптична. Изгубивме сè. Целиот хотел беше целосно уништен. Како да падна атомска бомба врз Мајо“, изјави за француски BMFTV Бруно Гарсија, сопственик на хотелот „Карибу“ во главниот град Мамуџу.

Франција испрати 1.600 полицајци и жандарми да им помогнат на локалните спасувачи и пожарникари од Мајот и блискиот Реунион. Залихите со храна и медицинска опрема се доставуваат со воени авиони и бродови.

Мајо, со население од нешто повеќе од 300.000 луѓе, вклучувајќи повеќе од 100.000 мигранти без документи, е најсиромашниот регион во Франција. Се наоѓа на околу 8.000 километри од Париз, а островот со години се бори со сиромаштија, суши, невработеност, недостиг на вода и насилство од локалните банди.

Би можело да ве интересира

Макрон прогласи национална жалост за жртвите на циклонот „Чидо“

Европа под вода, во Краков е најавена вонредна состојба

A1on

Дунав може да се излее во Виена, Австрија мобилизира војници, циклонот „Борис“ ја пустоши Европа

ВИДЕО: Еден од најсилните тајфуни однесе се во Виетнам, има загинати и повредени

Предраг Петровиќ

Австралија: Околу 64.000 луѓе останаа без струја поради циклонот Кирили

(ВИДЕО) Бројот на загинати од циклонот „Фреди“ се искачи на повеќе од 1.000 луѓе