Врз поранешниот претседател на Киргистан, Алмазбек Атамбаев, денеска беше извршен обид за атентат на централниот плоштад во Бишкек за време на протест на опозицијата.
На снимките од нападот се гледа како непознат напаѓач пука со пиштол во автомобилот на Атамбаев, кој е еден од предводниците на опозициските протести.
Никој не бил повреден во автомобилот на Атамбаев, а тој по инцидентот рече дека претходно му било јавено дека ќе се обидат да го убијат.
Поранешниот претседател беше пуштен од затвор на 4 октомври, откако лани беше осуден на 11 години затвор за планирање обид да се преземе власта на насилен начин.
Во Киргистан во понеделникот избија масовни протести на граѓани кои не се согласуваат со резултатите од парламентарните избори и ги обвинуваат властите дека ги лажирале. По судирите со безбедносните сили, демонстрантите ја зазедоа зградата на Парламентот, во која е сместена претседателската администрација. Тие исто така го ослободија поранешниот шеф на државата Атамбаев од истражниот притвор.
Бројот на повредени на протестите се искачи на над 900, а локалните медиуми денеска јавија дека на улиците на Бишкек е распоредена киргистанската војска, по наредба на Претседателот Соронбај Женбеков.
Киргистанскиот премиер Кубатбек Боронов поднесе оставка. Претседателот Женбеков, според неговиот портпарол, е во Бишкек и „ја контролира ситуацијата“. Тој повеќепати ја повикуваше опозицијата на дијалог, но досега немаше официјални разговори.
Лидерите на опозициските партии формираа координативен совет за управување со земјата и го предложија Садир Жапаров, лидер на опозицијата, ослободен од затвор, за премиер. На 6 октомври парламентот ја одобри неговата кандидатура на вонредна седница. Голем број членови на опозицијата не се согласија со назначувањето, формираа свој координативен совет и имаат намера да изберат свој премиер. Тие исто така побараа импичмент на претседателот и распуштање на Парламентот.