САД се противат на обидите на некои арапски земји да ги обноват односите со претседателот на Сирија, Башар Асад, објави „Вашингтон Пост“.
Повикувајќи се на извори во администрацијата, весникот нагласува дека прва земја што сакала да го направи тоа се Обединети Арапски Емирати кои кон крајот на 2018 година објавија дека ја отвораат својата амбасада во Дамаск, затворена во 2011 година поради воениот конфликт.
Весникот наведува дека од администрацијата на претседателот Доналд Трамп стигнала закана со санкции до оние земји сојузници на САД, што ќе преземат „какви било обиди да учествуваат во повторната изградба на Сирија. Санкциите се со цел Асад да биде натеран да прифати политички реформи“.
Русија од своја страна ги повикува властите на арапските земји да ги обноват односите со Дамаск. Се истакнува дека многу од овие земји ги поддржаа силите кои се бореа против Асад, „но сега се судираат со реалноста дека тој најверојатно останува и понатаму на власт“.
Власта во Сирија се надева дека арапските земји по крајот на војната ќе земат учество во изградбата на земјата. Според првичните оценки, за изградба на регионите и градовите на Сирија опустошени од војната ќе бидат потребни околу 400 милијарди долари, објави „Вашингтон Пост“.