Американските разузнавачки служби дошле до заклучок дек САД се цел на масовна кампања на информатичка шпионажа, што ја загрозува конкурентноста на државата, наведува весникот „Вашингтон пост“.
Повикувајќи се на анонимни разузнавачки извори, весникот тврди дека ваквиот заклучок е изнесен во „Националната разузнавачка проценка“, доверлив извештај изработен од разузнавачките служби на САД.
Во извештајот се наведува дека Кина е најагресивна во напорите да продре во компјутерските системи на американските компании и деловни институции, со цел да дојде до податоци кои би можеле да ги користат за стекнување на економска добивка. Најчести мети на информатички напади се компаниите кои работат во секторите на енергеитката, финансиите, инфомратичката технологија, вселенската индустрија и производството на автомобили.
„Вашингтон пост“ наведува дека како резултат на оваа инфомратичка шпионажа американската економија има загуби од десетици милијарди долари.
По Кина на листата на водечки „шпиони“ во извештајот се наведени Русија, Израел и Франција. И овие земји се нагажираат во откривањето на разузнавачки економски податоци, но нивната кибернетска шпионажа е бледа во однос на кинеските упади, се потенцира во извештајот.
Весникот нагласува дека американската администрација се обидува да се спротивстави на ваквите кражби на деловни тајни преку вложување протести, протерување на дипломатски персонал, воведување визи и ограничување на патувањата како и со поднесување жалби пред Светската трговска организација.
„Њујорк тајмс“ и „Волстрит журнал“ пред две недели обвинија кинески хакери за упад во нивните компјутерски системи и за обид за шпионирање на новинарите кои ги следат случувањата во Кина. Според весниците, овие напади немале за цел остварување материјална добивка или незаконско присвојување.
По обвинувањата на двата весници американскиот државен секретар Хилари Клинтон изјави дека Администрацијата регистрирала зголемен обем на хакерски напади врз државните институции и приватни компании и дека ова прашање ќе го постави пред меѓународните форуми.
– Ние мораме јасно да им кажеме, и тоа не само на Кинезите… дека САД ќе преземат мерки за да ја заштитат не само Владата туку и својот приватен сектор од овие неприфатливи напади, потенцира Клинтон.
На ваквите обвинувања реагираше кинеското Министерство за надворешни работи кое соопшти дека Пекинг нема никаква врска со упадите на хакерите во компјутерските системи на двата весника.
– Произволните тврдења и заклучоците без докази дека Кина учествува во овие хакерски напади се целосно неодговорни, изјави потпаролот на кинеското Министерство, Хонг Леи.