Националната агенција за безбедност на САД (НСА) и ФБИ имаат достап до серверите на девет американски интернет гиганти, меѓу кои се Мајкрософт, Јаху, Гугл и Фејсбук, каде ги следат активностите на странски државјани, открија весниците „Вашингтон пост“ и „Гардиан“, цитирани од светските агенции.
Со весникот „Вашингтон пост“ се поврзал поранешен службеник на разузнавањето, кој им дал документи, вклучувајќи и слајд презентација за обуката во која се опишува партнерството меѓу НСА и интернет компаниите.
Тајната програма, со кодно име PRISM, е активна од 2007 година и на НСА и дозволува преку свој портал да се логира на серверите на компаниите, за да собира информации за корисниците за кои има „разумни наводи„ да смета дека се странци.
Законот во САД ги штити американските државјани од следење без судска наредба, но лицата надвор од територијата на земјата не располагаат со ваква заштита и може да бидат шпионирани сосема законски, забележуваат француските медиуми.
Според „Вашингтон пост“, аналитичарите кои го користат системот преку интернет портал во воената база Форт Мид, во близина на Вашингтон, треба да користат клучни зборови во пребарувачот за да има веројатност од над 51 процент дека следеното лице е странец.
Во системот, според медиумите, исто така учествуваат и Скајп, ЕОЛ, ЈуТјуб, Епл и ПалТок. Според „Гардиан“, НСАможе да разгледува „имејли, аудио и видеочетови, видеоматеријали, снимки, четови на Скајп, префрлања на фајлови, податоци од социјални мрежи и друго“.
Комуникациите преку Скајп може да се следат директно. Гугл, Епл, Фејсбук и Јаху излегоа со одделни соопштенија во кои уверуваат дека на разузнавачките агенции не им давале директен достап до своите системи и дека на властите на САД им даваат податоци само во согласност со законот, а секое барање внимателно се проучува.
Шефот на разузнавањето на САД, Џејмс Клапер, изјави дека законот, што на американските владини агенции им дозволува да собираат информации за комуникации во интернет компаниите дозволува тоа да се прави единствено за лица, кои не се граѓани на САД и се наоѓаат надвор од територијата на САД, пренесоа светските агенции.
Во одговор на написите во весниците „Вашингтон пост“ и „Гардиан“, Клапер изјави дека овие статии соддржат „мноштво неточности“ и пропуштаат клучни информации, но не појасни што има предвид кога ова го зборува.