Нови податоци за дејноста на либанската шиитска организација Хезболах се појавија седум месеци по нападот во бугарскиот град Бургас, во кој загинаа шест лица – петмина израелски туристи и еден бугарски државјанин и со нив се откриваат напорите на групацијата да ги изгради потребните структури за напади врз израелски туристи во повеќе земји, пишува денеска весникот „Вашингтон пост“.
Весникот се повикува на документи од полициската истрага во Кипар против Хосам Талеб Јакуб, кој беше уапсен под сомнение дека подготвува напад врз изтрелски граѓани на територија на островската држава. Документите ги содржат неговите докази, изнесени за време на сослушувањето додека беше притворен во период од неколку недели. Процесот против Јакуб почна минатата недела во Лимасол.
Заклучоците, изведени врз основа на изјавите на Јакуб, се совпаѓаат до заклучоците кои произлегоа од истрагата на нападот во Бургас, како и при истрагата за обиди за напади врз израелски државјани и дипломати во Тајланд, Индија, Азербејџан, Кенија и други земји „кои беа зафатени од бранот неуспешни атентати поврзани со Хезболах или со неговиот главен спонзор Иран, пишува весникот.
Досега собраните докази, додава весникот го откриваат„професионализмот и солидните финансиски средства, со кои располага Хезболах и кои ги користи за да регрутира, обучува и испраќа агенти во Европа, како подготовка за идните терористички операции, нагласи „Вашингтон пост“.
– Иако повеќето напади беа осуетени најновите информации покажуваат дека Хезболах учи од грешките и оти применува тактики на професионална шпионажа, за да ги прикрие трагите и да ја прошири сферата на закани создадени од него, нагласува „Вашингтон пост“, кој се повикува на анализи на експерти за борба против тероризмот.