УНИЦЕФ: Расте бројот на деца меѓу бегалците и мигрантите

Од:

 Децата кои пристигнуваат зимава во Југоисточна Европа се физички исцрпени, исплашени, вознемирени и често имаат потреба од медицинска помош. Многу деца во движење немаат соодветна облека или пристап до исхрана соодветна на возраста. Ова станува уште полошо со недостатокот на засолништа и неадекватно греење во одредени прифатни центри, како и во автобусите и возовите, предупредува УНИЦЕФ.
Организацијата наведува дека прашањето станува се погорливо бидејќи продолжува да расте бројот на деца меѓу бегалците и мигрантите. Сега има повеќе од едно дете на тројца возрасни. Според националните извори, во Македонија во декември овој процент бил 37 отсто, во споредба со 23 отсто во септември, додека во Србија, во декември 36 проценти биле деца во споредба со 27 проценти во септември. Во декември, повеќето деца кои минале низ просторите наменети за деца на УНИЦЕФ во Србија биле мали деца, вклучувајќи бебиња и доенчиња, како и оние на возраст од 5 до 9 години.
Во 2015 година повеќе од еден милион бегалци и мигранти го минале Медитеранот, пристигнувајќи на бреговите на Европа, од кои се проценува дека околу 253.700 – или еден од четворица – биле деца.
Специјалниот координатор на УНИЦЕФ за бегалско-мигрантската криза во Европа, Мари-Пјер Поаре вели дека децата се особено подложни на респираторни инфекции, дигестивни проблеми и дијареја. Неконтролираната употреба на вештачко млеко за бебиња, исто така, може сериозно да го засегне нивото здравје. 
УНИЦЕФ предупредува дека прекуграничната размена на информации и следење на најранливите деца остануваат недоволни, главно поради брзината на движење на луѓето.
Специјалниот координатгор Поаре наведува дека УНИЦЕФ соработува со своите партнери и колеги околу изработка на планови за непредвидени ситуации во врска со забавување на движењето и со се поголемиот број луѓе кои останале заглавени на пат.
– Во последните три месеци, УНИЦЕФ и неговите партнери им обезбедија услуги на 81.000 деца во простори наменети за децата во зимски услови во Македонија, Србија и Хрватска. Покрај тоа, речиси 18.000 бебиња и доенчиња добија специјализирани услуги преку просторите на УНИЦЕФ за грижа на мајките и децата, стои во соопштението.
Минатиот месец, УНИЦЕФ дистрибуирал 13.500 парчиња зимска облека, ќебиња, простирки за преоблекување и бебешки носилки. Во Хрватска, 6.000 деца добиле зимска облека, а приближно исто беа доставени во Македонија, додека во Србија, речиси 8.000 деца добиле најосновни зимски предмети.
Во истиот период во Македонија 11.651 жена, од кои 803 бремени, добиле помош. 394 жени и 495 деца биле упатени во здравствените служби во последната половина од декември. Во Србија 2.802 бебиња биле на доење и/или добиле храна соодветна на возраста, а 1.508 мајки добиле советување и поддршка за здравјето и исхраната на децата.  Во Хрватска, повеќе од 1.200 бебиња и доенчиња биле згрижени во простор за мајки и деца, а 352 мајки добиле поддршка при доењето.

Би можело да ве интересира

Гевгеличанец и пакистанец шверцувале Kинези во Македонија

Анита Петровска Рајковиќ

Орбан: Закован е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија

Група од 29 мигранти се спасени од брод во близина на брегот на Крит во Средоземното Море

(ВИДЕО) Пресметка меѓу мигрантите и Националната гарда на Тексас кај Ел Пасо

(ВИДЕО) Уапсена е банда која криумчарела мигранти

Бојмацалиев: Намалена илегална миграција за 50 отсто