Околу 200.000 деца до петгодишна возраст во Сомалија би можеле да починат до крајот на оваа година поради голема неухранетост доколку ОН не добие итна финансиска помош за спречување на гладта, предупреди Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ).
Во Фондот пристигнале само 15 милиони долари од побараните 150 милиони долари од земјите донатори, кои се потребни за обезбедување на животните потреби на над три милиони жени и деца во Сомалија оваа година.
– Доколку итно не се набават овие средства, УНИЦЕФ ќе мора да прекине со најпотребната медицинска помош која е од животно значење, истакна портпаролот на УНИЦЕФ, Кристоф Булиерак.
Според податоците на УНИЦЕФ, околу 50.000 сомалиски деца веќе подолг период страдаат од многу тешка форма на неухранетост.