Со оглед на тоа дека затворањето на училиштата на национално ниво го нарушува образованието за повеќе од 80 проценти од учениците ширум светот, УНИЦЕФ денеска соопшти дека значително ќе ја прошири поддршката во сите земји за да им помогне на децата да продолжат со учењето и во ситуација на кризата со Ковид-19.
– Училиштата во поголемиот дел од државите ширум светот се затворени. Тоа е невидена ситуација и освен ако колективно не дејствуваме сега за да го заштитиме образованието на децата, општествата и економиите ќе го почувствуваат товарот долго откако ќе го победиме Ковид-19. Во најранливите заедници, влијанието ќе се пренесе на многу генерации, рече Роберт Џeнкинс, шеф на програмата за образование при УНИЦЕФ.
– Врз основа на научените лекции со затворањето на училиштата како одговор на еболата, колку подолго децата остануваат подалеку од училиште, толку е помала веројатноста дека тие некогаш ќе се вратат. Овозможувањето на децата алтернативни начини за учење, повторно да се гради рутината, што е клучен дел од нашиот одговор, рече Џенкинс.
За да се спречи нарушувањето на образованието на децата и да им овозможи на децата безбедно да учат, УНИЦЕФ издвои дополнителни средства за забрзување на работата со владите и партнерите во повеќе од 145 земји со ниски и средни приходи. Првичната глобална распределба на 13 милиони долари – од која речиси девет милиони американски долари е од придонесот на Глобалното партнерство за образование – ќе дејствува како катализатор со поддршка на националните влади и широк спектар на партнери во образованието во секоја земја за да развијат планови за овозможување на брз, системски одговор.
Иницијативата ќе им овозможи на земјите да подготват алтернативни програми за учење во случај на затворање на училиштата и да им помогнат на училиштата да ги чуваат децата и нивните заедници безбедни со обезбедување на витални информации за миење раце и други хигиенски практики. Средствата, исто така, ќе помогнат во поддршката на менталното здравје на децата и спречување на стигмата и дискриминацијата преку поттикнување на учениците да избегнуваат стереотипи кога зборуваат за вирусот.