Две партии во украинскиот Парламент Европска солидарност и Глас бараат воведување санкции против пратениците во руската Државната дума, кои гласаа за нацрт-резолуцијата за признавање на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР) и Луганска Народна Република (ЛНР).
– Ова значи продолжување на војната против суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Тоа значи дека нашите западни партнери не креваа паника, туку го предупредија светот и општеството дека постојат десетици сценарија за распарчување на нашата земја, изјави Ирина Херашченко од Европска солидарност, пред пратениците во Врховната Рада во име на двете партии.
Таа истакна дека опозицијата бара од украинските власти да го објават нивниот план за заштита на територијалниот интегритет на Украина и повика пратениците од Државната дума да се вклучат во списокот на санкционирани.
Претседателот на Долниот дом на Парламентот, Вјачеслав Володин изјави дека документот веднаш ќе биде испратен до претседателот на државата.
Државната дума ја одобри нацрт-резолуцијата за признавање на ДНР и на ЛНР. „За“ гласаа 351 пратеник, „против“ се изјаснија 16, а еден пратеник беше „воздржан“.
Извор: МИА