Меѓународниот суд на правдата во Хаг и нареди на Уганда да плати отштета од 325 милиони американски долари на Конго за насилство во долготрајниот конфликт меѓу двете соседни земји што почна кон крајот на 1990-тите.
Налогот за исплата на компензација беше издаден денеска, повеќе од 15 години откако судот на Обединетите нации пресуди дека војниците од Уганда го прекршиле меѓународното право со дејствување во Конго.
Сумата што треба да ја плати Уганда е значително помала од онаа што се бараше. Конго тужеше за повеќе од 11 милијарди долари.
Судот го подели надоместокот во различни категории. Според пресудата, отштета од 225 милиони долари е за „загуба на животот и друга штета нанесена на лица“, што вклучува силување, регрутирање деца во војска и раселување до 500.000 луѓе. За материјална штета отштетата е 40 милиони долари, додека 60 милиони долари се за штети на природните ресурси, вклучително и грабеж на злато, дијаманти, дрва и друга стока.
Извор: МИА