Учесници на самит за Либија се договорија да го почитуваат ембаргото на оружје

Од:

Светските лидери постигнаа договор за финалниот документ од конференцијата во Либија, што се одржа во Берлин да го почитуваат ембаргото за оружје, да не им се дава повеќе воена помош на завојуваните страни и ги повикаа да обезбедат целосен прекин на огнот, изјавија лидерите на Германија и на ОН.

Договорот на самитот беше постигнат по четири часовни разговори чиј домаќин беше германската канцеларка Ангела Меркел.

Меркел беше домаќин на лидери на 11 земји вмешани во конфликтот во Либија, претставници на ОН, Европската унија, Африканската унија и Арапската лига. Лидерите на двете најголеми завојувани партии во Либија, премиерот на меѓународно призната влада, Фаез Сараџ и командантот на силите што го контролираат истокот на земјата, генералот Калифа Хафтар, исто така беа во Берлин, но не присуствуваа на конференцијата.

Учесници на самитот беа претседателите на Франција, Русија и Турција, Емануел Макрон, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, премиерите на Велика Британија и на Италија, Борис Џонсон и Џузепе Конте и американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Меркел рече дека целта на самитот е „да зборуваат на еден јазик сите страни што на кој било начин се поврзани со конфликтот во Либија, затоа што тогаш сите страни во Либија исто така ќе сфатат дека има само не-воен пат до решение“, додавајќи дека „денеска е постигнат тој резултат“.

– Се согласивме за сеопфатен план. Можам да кажам дека сите учесници работеа заедно конструктивно. Сите се согласуваме дека треба да го почитуваме ембаргото за оружје и дека ембаргото за оружје треба да се контролира построго отколку во минатото, рече Меркел.

Таа рече дека резултатите од денешната конференција треба да бидат усвоени од Советот за безбедност на ОН и додаде дека учесниците на самитот ќе продолжат да одржуваат редовни состаноци „за да им дадат на либиските граѓани право да живеат во мир“.

Германската канцеларка, која се состана со двајцата либиски лидери пред самитот, рече дека и Сараџ и Хафтар назначиле пет члена на воениот комитет да ги застапуваат на разговорите за постојан прекин на огнот.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека комитетот ќе се состане „во Женева во наредните денови“.

Меркел рече дека учесниците на самитот се согласиле повеќе да не ги поддржуваат завојуваните страни пред состанокот на комитетот, но додаде дека не е преземена експлицитна заложба за повлекување на постојната воена поддршка.

Германската канцеларка исто така рече дека на самитот не се разговарало за конкретни санкции за кршење на ембаргото за вооружување.

На прашањето дали Сараџ и Хафтар учествувале во разговорите, Меркел рече дека учесниците на самитот „разговарале со нив засебно бидејќи разликите меѓу нив се толку големи што во моментот не разговараат еден со друг“.

Во завршната изјава на самитот се наведува дека учесниците „ги повикуваат сите актери да се воздржат од какви било активности што би го влошиле конфликтот или се во спротивност со ембаргото за вооружување или прекинот на огнот, вклучително и финансирање на воените ресурси или регрутирање платеници“.

Гутереш рече дека самитот во Берлин успеал да го отстрани „ризикот од вистинска регионална ескалација“.

– Се надевам дека преземените обврски ќе придонесат за трајно решение за либиската криза, рече Гутереш.

Тој ја истакна итноста на следниот чекор, велејќи дека сите учесници ветија дека ќе „извршат притисок врз сите страни за да постигнат целосен прекин на огнот“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој исто така беше во Берлин, рече дека Москва ја смета конференцијата за „многу корисна“.

– Јасно е дека самите Либијци ќе одлучат во краен случај, јасно е дека досега не беше можно да се воспостави стабилен и сериозен дијалог, бидејќи разликите во пристапите се премногу големи, рече Лавров.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Драматичнa ситуација во Дерна: Илјадници трупови се распаѓаат под урнатините

На плажа во либискиот град Дерна пронајдени се 400 тела

(ВИДЕО) Морето исфрла тела на жртви од Дерна стотици километри подалеку

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Се стравува дека во Либија загинале 20.000 луѓе: „Бранот од седум метри урна згради во морето“

Уништените брани кои ја предизвикаа катастрофата во Либија ги изградија југословенски компании

(ВИДЕО) Либија: Морето постојано исфрла десетици тела

Горан Наумовски