Убиениот „бостонски терорист“ Тамерлан Царнаев два пати престојувал во Австрија, тврди виенскиот дневен весник „Кронен цајтунг“.
Постариот од браќата Царнаев во 2007 и во 2009 престојувал во покраините Тирол и Салцбург, каде наводно учествувал во тренинг-камп за боксери, за весникот потврди Службата за заштита на уставноста и борба против тероризмот (БВТ).
Овој Чеченец, исто така, во Австрија, во Грац, има роднини. Постариот од двајцата осомничени за терористичкиот напад во Бостон, тренирал бокс, па во 2007 година престојувал во Инсбрук заради борба. Мохамад Надери, од клубот во Инсбрук, таа година повикал повеќемина Чеченци на тренинг во Австрија.
-Тие, меѓутоа, не се согласуваа добро со останатите спортисти, се потсетува Надери. Подоцна, во 2009 година, Царнаев учествувал и во меѓународниот подготвителен камп во Салцбург.
Австриските власти, по овие медиумски наоди, ги истражуваат контактите на Царнаев во Австрија, како со роднините, така и со исламските групи во Австрија.
Министерството за внатрешни работи, меѓутоа, не гледа зголемена опасност за Австрија.