Поранешниот претседател на Малдиви Мохамед Нашид уапсен е под обвинение дека ја злоупотребил својата службена положба за време на неговиот мандат.
Во протестите, кои по тој повод ги одржаа неговите поддржувачи, повредени се седум полицајци.
Претставникот на полицијата Хасан Ханиф, денеска изјави дека Нашид е уапсен во неговиот дом во Мале и дека во среда ќе биде изведен пред суд. Тој рече дека Нашид не се појавил на рочиштето, како и дека избегнал два налога за апсење.
Тој рече дека поддржувачи на Нашид почнале да прават немири кратко време по неговото апсење – напаѓале полицајци и запалиле еден од моторцикл.
Претседателот на Здружението на новинари на Малдиви, Ахмед Захир, изјави дека биле претепани двајца новинари, кои известувале од апсењето на поранешниот претседател.
Нашид е обвинет дека нелегално наредил апсење на висок судија, поради што мораше да поднесе оставка во февруари 2012 година. Го замени неговиот потпретседател Мохамед Вашид Хасан.
Нашид тврди дека бил принуден да поднесе оставка со државен удар, под закана со оружје, иако истражната комисија минатата година ги отфрли неговите тврдења.
Поранешниот претседател инсистира на тоа дека, обвиненијата против него се покренати за да го спречат да се кандидира на изборите во септември.
Минатиот месец, избегна два налога за апсење така што 10 дена се криел во амбасадата на Индија. Уапсен е во октомври, исто така поради избегнување на судските покани, но беше ослободен откако беше изведен пред суд.
Неговата Малдивска Демократска партија објави дека полицијата не го извадила судскиот налог кога го вршела апсењето. Нејзиниот портпарол Абдул Гафор рече дека Нашид се наоѓа на затворски остров и дека партијата е загрижена за неговата безбедност.
Хасан “докажа дека не може да му се верува дека ќе одржи слободни и фер избори и покрај ветувањата дадени кон меѓународната заедница”, рече Гафор.
Нашид беше избран за претседател на Малдиви во 2008. на првите демократски избори во таа земја. Се повлече по неколкунеделните протести поради апсењето на судијата, кога ја изгуби поддршката на армијата и полицијата.