Турската полиција попладнево блокираше група од неколку стотици жени кои се собраа во центарот на Истанбул за одбележување на Меѓународниот ден на жената 8 Март.
Групата жени и активисти, со транспаренти и знамиња во рацете, застанале на плоштадот Таксим, но веднаш околу нив биле поставени полициски кордони кои го блокирале нивното движење и ги спречиле да тргнат кон пешачката зона во строгиот центар на Истанбул и улицата Истиклал.
Гувернерот Али Ерликаја, одлучил да ја затвори метро станицата Таксим и делови од блиската станица Сишане и изјавил дека сите патишта што водат кон главниот плоштад треба да бидат блокирани.
„Сите патишта што водат кон плоштадот Таксим и улицата Истиклал ќе бидат затворени, бидејќи овие места не се класифицирани како определени места за собирање и демонстрации според законот“, стои во соопштението на гувернерот испратено до медиумите.
Минатата година, на Меѓународниот ден на жената, полицијата користеше солзавец за да го разбие маршот на неколку стотици жени.