Најмалку 19 тела на мигранти се извлечени од морето во јужен Тунис во текот на изминатите два дена, изјави во понеделник раководителот на локална група за права на мигрантите, откако бродот што ги превезуваше потона за време на викендот.
Болница во градот Бен Гердан ги прими телата, објави Ројтерс.
Потонувањето на бродот со мигранти, во кој имаше седум членови на исто семејство, предизвика бран гнев, што доведе до насилни протести во градот во недела навечер.
Демонстрантите палеа гуми и блокираа патишта, додека полицијата одговори со солзавец за да ја растера толпата.
Демонстрантите бараат подобри услови за живот и економски развој, велејќи дека недостатокот на можности и годините маргинализација ги принудуваат младите луѓе да прават опасни морски премини кон Европа во потрага по подобар живот.
Сè уште не е јасно дали сите тела на мигрантите се од бродот што потона.
Шефот на Туниската опсерваторија за човекови права, Мостафа Абделкебир, изјави за Ројтерс дека се спроведуваат генетски тестови за идентификација на телата, како и напори за утврдување колку луѓе биле на бродот, додека потрагата по оние што сè уште се водат како исчезнати продолжува.
Тунис некогаш беше главна точка на поаѓање за мигрантите што го преминуваат Медитеранот, но бројот на заминувања нагло се намали во последните две години поради построгите мерки и контроли врз морскиот сообраќај, поддржани од европско финансирање и модерна опрема за надзор на границите, потсетува агенцијата.
Хјуман рајтс воч, Амнести интернешнл и десетици други групи за човекови права и организации за помош минатиот месец изјавија дека договорот за миграција меѓу Европската унија и Тунис поттикнал сериозни кршења на правата на мигрантите и барателите на азил во Тунис, објави Ројтерс.
