Еден цивил и двајца полицајци се ранети минатата ноќ при напад врз синагога во центарот на днаскиот главен град Копенхаген.
Данската телевизија ТВ2 јави дека цивилното лице, локален Евреин, е застрелано во главата, додека полицајците имаат повреди во раката и ногата, но сите се вон животна опасност.
Утрово во близина на синагогата и на кафулето „Крудтенден“, каде при вооружен напад вчера попладне беше убиено едно лице, а три други беа ранети, полицијата застрела еден маж, кој одбил да застане на полициското предупредување и отворил оган врз полициајците.
– Мажот беше смртно застрелан и почина. Во инцидентот нема настрадани полициајци, се наведува во полициското соопштение.
Инцидентот се случил во близина на железничката станица во населбата Њоребро. Полицијата информира дека убиениот „најверојатно е извршителот на двата напади“ врз синагогата и врз кафулето „Крудтенден“.
– Мислам дека го застрелавме извршителот на двата напади, изјави полицискиот портпарол Торбен Молгор Јенсен.
Вчера, по инцидентот врз „Крудтенден“, данските медиуми јавија дека нападот го извршиле две лица вооружени со автоматски пушки, кои потоа побегнале од местото на настанот со автомобил марка „Фолксваген“ со темна боја, кој подоцна беше пронајден напуштен, но сега полицијата тврди дека и двата напади ги извршило едно лице.
Претходно, претставник на полицијата информира дека се трага по осомничениот за нападот врз кафулето „Крудтенден“, што беше извршен во време додека во него се одржуваше дебата за слободата на говорот, на која присуствуваа и францускиот амбасадор во Данска, Франсоа Зимерај и шведскиот карикатурист Ларс Вилкс, кој стана познат по карикатурите со пророкот Мухамед.
Осомниечниот е на возраст од 25 до 30 години, атлетски граден и со „арапски карактеристики на лицето“, информира полицијата.