Три лица се ранети откако терористи на Курдската работничка партија (ПКК) денеска истрелале пет минофрлачки гранати врз два станбени реона на периферијата на градот Османие, во јужна Турција, информира весникот „Милиет“.
Гранатите биле истрелани од шумски реон, а од нивните шрапнели повредени се 33-годишна жена, нејзиниот четиригодишен син и уште едно лице.
Валијата на Османие, Керем Ал, посочи дека повредените не се наоѓаат во животна опасност.
Мајката и детето се уште се во болница, додека третиот повреден на самото место добил медицинска помош и бил пуштен.
Турските власти преземаат обемна операција во реонот на планината Аманос за фаќање на терористите, кои го извршиле нападот.