Германија забрани две групи поради сомнеж за врски со ПКК

Од:

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер денеска соопшти дека властите во Берлин донеле одлука за забрана на две групи, за кои постои сомнеж дека се поврзани со Курдската работничка партија (ПКК), која води вооружена борба за автономија на регионите населени со Курди во Турција.

Како што јави ДПА, станува збор за групите Месопотамиско издаваштво и дистрибуција (МВВ) и МИР Мултимедија.

Најавата за нивна забрана уследи само неколку часа откако германската полиција изврши претреси на просториите на двете групи во сојузните покраини Северна Рајна Вестфалија и Долна Саксонија.

Захофер нагласи дека двете групи биле регистрирани како издавачки куќи, но нивните активности биле насочени кон „поддршка на организациските структури на ПКК“.

Работата на ПКК во Германија е забранета уште од 1993 година. Групата се наоѓа на листите на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во неколку наврати ја критикуваше Германија дека не се бори ефикасно против ПКК и движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад неуспешниот обид за преврат во Турција во 2016 година.

Во Германија живеат околу три милиони лица по потекло од Турција, меѓу кои голем дел по националност се Курди.

Би можело да ве интересира

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија

Германски медиуми: Во Европа откриено складиште за оружје на Хамас

Германија: Стапи на сила законот за декриминализирање на поседувањето канабис

Над 20 повредени во нова автобуска несреќа во Германија-патниците биле средношколци

Горан Наумовски

Истрага против возачот на превртениот германски автобус во кој имаше загинати и повредени