Лидерите на демократите во двата дома на Конгресот на САД соопштија дека постигнале договор со претседателот Доналд Трамп за заштита на илјадници млади имигранти од депортација, како и за финансирање на одредени мерки за зајакнување на безбедноста на границата.
Договорот беше постигнат на работна вечера во Белата куќа на Трамп со лидерите на демократското малцинство во Претставничкиот дом – Ненси Пелоси и во Сенатот – Чак Шумер.
Договорот предвидува да се гарантира заштита од депортација на околу 800.000 имигранти, доведени илегално во САД уште како деца, кои досега беа под заштита на посебна програма усвоена од поранешниот претседател Барак Обама. Оваа програма им овозможи привремено право да работат без страв од депортација.
Пред една недела Трамп ја запре програмата и покрај противењето на демократите. Сепак, подоцна тој се договори со нив да му се дадат на Конгресот шест месеци да предложи законско решение за проблемот пред да им биде укинат заштитениот статус на т.н. сонувачи.
Програмата ДАЦА овозможи привремено пролонгирање на депортацијата на речиси 800.000 квалификувани кандидати и со неа им беа издадени работни дозволи на две години, со можност за продолжување.
Одлуката да ја укине програмата ДАЦА, Трамп ја образложи дека американските работници мора да бидат на прво место
Американските медиуми коментираат дека Трамп, по вторпат во рок од две недели, ги игнорираше своите републикански партнери и постигна договори со лидерите на демократите во Конгресот.
Пелоси и Шумлер во заедничката изјава по состанокот, соопштија за договорот, без да ги специфираат суштинските детали од неговата содржина. Според анонимен извор, тие договориле посебен закон, кој кога ќе биде усвоен, ќе им даде право на „сонувачите“ да добијат државјанство под одредени услови.
Белата куќа засега е без коментар. Во кратко официјално соопштение за средбата, се наведува само дека претседателот имал „конструктивна работна вечера“ со Шумер, Пелоси и вработени во Администрацијата, на која се дискутирало за „политички и законодавни приоритети“, вклучувајќи ја и укинатата програма.
– Ова е позитивен чекор кон реализација на силниот ангажман на претседателот да се бараат двопартискиот решенија на проблемите кои се најважни за сите Американци, се вели во соопштението на Белата куќа.