Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно да дојде до голем конфликт со Северна Кореја заради нејзините нуклеарни и ракетни програми, но кажа дека претпочитува спорот да се реши по дипломатски пат, пренесоа британските медиуми.
– Има можност на крајот и да влеземе во голем, голем конфликт со Северна Кореја. Целосен, рече Трамп во интервју за Ројтерс пред утрешниот 100-ти ден од почетокот на неговото претседателствување, пренесува БТА.
Тој, сепак, изјави дека сака мирна разрешница на кризата која малтретира неколку американски претседатели. Трамп и неговата Влада се залагаат за овој пристап, подготвувајќи нови различни економски санкции и, истовремено, не ја исклучуваат и воената варијанта.
– Многу би сакале работите да ги надминеме по дипломатски пат, но тоа е доста тешко, рече тој.
Според него, Северна Кореја е неговиот најголем глобален предизвик.
Трамп го пофали кинескиот претседател Кси Џинпинг за помошта на Пекинг во обидите за зауздување на Северна Кореја. Двајцата лидери овој месец имаа средба на Флорида.
– Верувам дека тој вложува сериозни напори. Со сигурност знам дека не сака да има тензии и смрт. Не сака да го гледа тоа. Тој е добар човек, рече Трамп.
Според него, кинескиот претседател „би сакал да може да направи нешто, но веројатно дека нема да може“.