Првата средба меѓу претседателите на САД и на Мексико, Доналд Трамп и Андрес Мануел Лопез Oбрадор, во Белата куќа се одржа во срдечна атмосфера со пофалби и зборови на взаемно почитување, и покрај тоа што до неодамна имаше тензии во билатералните односи.
– Односите меѓу САД и Мексико никогаш не биле поблиски, рече Трамп во Белата куќа пред двајцата лидери да потпишаат заедничка декларација со која „се признаваат достигнувањата на двете држави кон обновено и засилено партнерство“.
Американскиот претседател рече дека двете држави се посветени на „заедничка иднина на просперитет, безбедност и хармонија“.
– Она што најмногу го ценам е дека никогаш не сте се обиделе да наметнете нешто врз нас што ќе го наруши или оштети нашиот суверенитет, рече Обрадор.
– Никогаш не сте се обиделе да не третирате како колонија. Тука им покажувам на граѓаните на САД дека вашиот претседател кон нас се однесува со почит, продолжи мексиканскиот левичарски претседател.
Белата куќа објави дека мексиканската делегација, вклучително и претседателот, била тестирана за коронавирусот пред средбата со Трамп.
Трамп и Обрадор не се ракуваа, но не носеа ниту маски.
Критичарите сметаат дека Трамп ја искористил посетата на мексиканскиот претседател за да добие поддршка од хиспаноамериканските гласачи пред изборите за претседател во ноември.