Американскиот претседател, Доналд Трамп соопшти дека водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи следната недела ќе сведочи во Сенатот, Горниот дом на американскиот Конгрес, во расправа за реакцијата на земјата на коронавирусот.
Трамп кажа дека Фаучи не може да сведочи во Претставничкиот дом, во кој доминираат демократите.
Обраќајќи се пред новинарите во Белата куќа, американскиот претседател ја бранеше својата одлука да го спречи Фауци да сведочи во Долниот дом на Конгресот и притоа ги обвини демократите дека се обидоа да го „наместат“, дека го мразат и дека сакаат да победат на претседателските избори во ноември, пренесува Гласот на Америка.
-Претставничкиот дом е местенка. Претставничкиот дом е група на луѓе кои го мразат Трамп. Тие во одборите ги ставаат сите кои го мразат Трамп. Претставничкиот дом треба да се срами, демократите треба да се срамат, затоа што не сакаат ние да успееме. Тие сакаат да бидеме неуспешни за да победат на изборите, на кои не можат да победат, рече Трамп.
Фаучи, кој се наоѓа на чело на Националниот институт за алергии и заразни болести, на 12 мај треба да сведочи пред сенатскиот Одбор за здравство, образование, труд и пензии, заедно со други високи американски здравствени претставници, вклучително и комесарот на Управата за храна и лекови, Стивен Хан, и директорот на Центарот за контрола и превенција од болести Роберт Редфилд.
Фаучи беше замолен да сведочи на 6 мај од страна на поткомитетот на Претставничкиот дом што ги надгледува здравствените програми, но Белата куќа рече дека неговото сведочење би било „контрапродуктивно“.