Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на израелските лидери треба да им ги открие деталите од својот долго одложуван мировен план за Блискиот Исток, со кој ќе се обиде да го реши израелско-палестинското прашање.
Трамп ќе има одвоени средби со изрелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со неговиот главен политички опонент Бени Ганц, лидер на центристичката „Сино-бела“ партија, со која ќе се бори за освојување на власта на 2 март против Ликуд на Нетнајаху. Двете партии не успеаја да формираат влада по последните избори.
Трамп утре во Белата куќа ќе оддржи заедничка прес конференција со Нетанајху, на која може да ги објави деталите од мировниот план.
Палестинците одбија да се вклучат во планот на администрацијата на Трамп, а го одбија и 50 милијарди долари вредниот економски развоен план што во јули го предложија САД за да и помогне на палестинската економија. Палестинциите стравуваат дека планот ќе ги уништи нивните соништа за независна држава, која би ги вклучувала Појасот Газа и Западниот брег со источен Ерусалим, за кој се надеваат дека ќе им биде главен град.
Уште во 2017 година Трамп кажа дека Ерусалим ќе биде главниот град на Израел. Обединетите нации повеќе пати нагласуваа дека изградбата на израелските населби на окупираниот Западен брег е незаконска.
Белата куќа се надева дека планот ќе биде поддржан од двајцата израелски лидери, пред официјално да биде објавен
-Имате шест недели планот да почне да се реализира, доколку тоа го сакате, им порачал Трамп на израелските лидери, кажа претставник на Белата куќа.
Планот на Трамп го изработија неговите соработници Џаред Кушнер ( неговиот зет), Ави Берковиц , како и Џејсон Гринбалт, кој уште пред неколку месеци ја напушти администрацијата.
Палестинските лидери вчера изјавија дека го разгледуваат прашањето за напуштање на мировниот договор од Осло, што во моментов ги уредува врските меѓу Израел и Палестинската самоуправа, доколку Трамп го објави својот мировен план за Блискиот Исток.
-Доколку Трамп го објави својот предлог, а најави дека тоа ќе го стори, Палестинската ослободителна организација (ПЛО) го задржува правото да „се повлече од договорот за привремената самоуправа“, изјави Саеб Ерекат , главниот секретар на ПЛО.