Новиот претседател на Шри Ланка Маитрипала Синсена го постави за нов претседател на Врховниот суд судијата Канагасабипати Срипаван, кој е припадник на заедницата на малцинските Тамилци.
Ова е првпат по многу години, на една висока државна функција во земјата да биде именуван некој од тамилската етничка заедница. Последен пат, еден Тамилец добил висока државна функција во 1991 година.
Одлуката на претседателот Синсена, кој и припаѓа на мнозинската етничка заедница на Синхалезите во Коломбо се прикажува како знак за помирување со Тамилците, по речиси 30 годишната граѓанска војна на припадниците на овие две етнички заедници.
Во воените судирања на сепаратистите од групата на Тамилските тигри и во серија атентати и терористички напади ширум земјата загинаа околу 100 илјада луѓе. Граѓанската војна заврши во 2009 година, откако армијата на Шри Ланка ги порази Тамилските тигри.
Поставувањето на Срипаван на највисоката прависудна функција во оваа островска земја доаѓа по одлуката на претседателот Синсена за запирање на постапката за импичмент за претходниот претседател на Судот Ширани Бандаранаике.
Таа беше обвинета, а потоа и сменета од претходниот претседател Махинда Раџапакса за наводна корупција во извршувањето на функцијата и покрај силното несогласување на меѓународната јавност.
По укинувањето на постапката за импичмент, Бандаранаике се врати на функцијата претседател на Судот, само еден ден за да биде целосно рехабилитирана, а потоа се повлече и замина во пензија.