Талибанците ги повикаа САД да ја преразгледаат одлуката за замрзнатите авганистански средства

Од:

Талибанската влада ги повика САД да ја преиспитаат својата одлука за замрзнатите средства на авганистанската Централна банка и да се воздржат од натамошни „провокативни дејства“, јави ДПА.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела ја потпиша извршната наредба со која го отвори патот за распределба на замрзнатите авганистански средства во САД во вредност од седум милијарди долари, по половина средства за жртвите од терористичките напади на 11 септември 2001 година и како хуманитарна помош за земјата.

„Доколку САД не отстапат од својата позиција и продолжат со своите провокативни дејствија, Исламскиот емират, исто така, ќе биде принуден да ја преиспита својата политика кон земјата“, соопштија авганистанските власти во официјалното соопштение објавено доцна синоќа.

Тие, исто така, ги повикаа САД ослободувањето на замрзнатите средства да биде безусловно, додава ДПА.

Одлуката на претседателот Бајден предизвика бес кај Авганистанците, а поранешниот претседател Хамид Карзаи ја нарече „злосторство“ врз авганистанските граѓани.

Локалните медиуми објавија дека стотици луѓе денеска протестираат во Кабул во знак на осуда на одлуката на Бајден.

Авганистанските политичари и академици побараа замрзнатите средства да не се користат за компензација на жртвите од 11 септември, бидејќи ниту еден Авганистанец не бил вклучен во нападите, ниту пак сопствените пари на земјата треба да се насочат како помош. Тие сакаат средствата да останат недопрени за да се обезбеди стабилност на авганистанската валута и финансискиот систем на земјата како целина.

Авганистан во моментов располага со околу девет милијарди долари замрзнати средства, од кои седум се во САД, а останатите најмногу се чуваат во Германија, Обединетите Арапски Емирати и Швајцарија.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Стејт департмент: Ескобар не е сменет, ќе добие нова функција во рамките на редовната ротација

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ