Детектори за метал и камери за набљудување ќе бидат монтирани во повеќе од 70 џамии во Душанбе, престолнината на Таџикистан, соопштија локалните власти.
Овој чекор ќе биде преземен поради зголемената опасност од напади на џихадистите, јавува БТА.
Мерките имаат за цел „да се следи мноштвото верници во џамијата и да се утврдат можните салафити меѓу вистинските верници“, изјави извор од таџикистанската Влада. Салафитите изгледаат горделиво за време на молитвата и можат да бидат препознаени по брадата и начинот на облекување, објасни изворот.
Детекторите и камерите ќе бидат монтирани со пари од џамиите и од верниците, соопшти портпаролот на градската власт.
Претседателот Емомали Рахмон нареди борбата со исламскиот фундаментализам да биде приоритет на власта, каде крвавата граѓанска војна меѓу комунистичката власт и исламските бунтовници зеде над 100.000 жртви од почетокот на 90-тите.