Во Северна Кореја за коронавирусот до сега се тестирани над илјада луѓе, меѓу кои немало заразени лица, потврди за Си-Ен-Ен претставникот на Светската здравствена организација за оваа земја, Едвин Салвадор.
Во Северна Кореја од 16 јуни за коронавирусот биле тестирани 1.211 лица, а сите резултати биле негативни.
СЗО наведува дека тестирањето се врши во 15 лаборатории низ целата земја, додека Централниот хигиенски анти-епидемиски институт останува референтна лабораторија.
Властите во Северна Кореја исто така ја проверуваат температурата на граѓаните, додека на сите јавни места, вклучително и трговските центри, рестораните и хотелите, се поставени средства за дезинфекција.
Информациите во врска со Ковид-19 се објавуваат на телевизија, радио, печатени медиуми, како и преку системи за јавно обраќање.
Сите образовни институции во земјата, вклучително и градинките, во моментов се на продолжен летен одмор што ќе трае наредните два месеци.
Во карантин се 696 лица, работници во пристаништето Нампо на западниот дел од брегот и на преминот Синуиѕу-Дангдонг кој се наоѓа на границата меѓу Кина и Северна Кореја, соопшти Салвадор.
Зголемувањето на бројот на луѓе кои се во карантин се должи на зголемениот обем на стока во пристаништето Нампо и на граничниот премин Синуиѕу-Дандонг. Приоритет во транспортот на стоки е даден на лекови, вакцини и медицински производи поврзани со Ковид-19, изјави претставникот на СЗО во Северна Кореја.