Анализите на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека во моментот има многу мал ризик вирусот на еболата да се пренесе во европските држави, изјави портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ во интервју за „Глас Српске“.
Тој наведе дека здравствените работници од земјите кои не се во заразените подрачје треба да се информираат како да се заштитат ако наидат на лице заболено од ебола.
– Вирусот на еболата во моментот е активен во четири земји – Гвинеја, Сиера Леоне, Нигерија и Либерија. Нема регистриран случај надвор од тие земји. Лицето кое почина во Европа, шпанскиот свештеник, дошол од Либерија, каде живеел и работел, посочи Јашаревиќ.
Тој наведе дека СЗО инсистира во земјите каде е регистриран вирусот на еболата да се засилат безбедносните мерки на аеродромите.
– Голем број светски експерти сега работат и анализираат како и каде можат да се користат лековите кои не се лиценцирани. Во ваков случај може да се користи експериментален лек но за тоа мора да бидат исполнети одредени услови, меѓу кои и согласност од самите пациенти, наведе Јашаревиќ.
Тој потенцира дека околу 1.800 луѓе досега се заразени со вирусот на ебола, од кои илјада починале.