Во капелата Свети Џорџ во Виндзор попладнево заврши последната јавна богослужба за кралицата Елизабета Втора со која светот се прости со еден од најдолговечните монарси.
– Се собравме да ја довериме во Божјите раце душата на неговиот слуга кралицата Елизабета. Овде, во капелата на Свети Џорџ, каде што таа толку често се поклонуваше. Ја паметиме како некој чија некомплицирана, но длабока христијанска вера даде толку многу плодови, рече деканот на Виндзор Дејвид Конер кој ја водеше богослужбата. Тој ја истакна нејзината добрина, посветеност на работата, беспрекорната служба за нацијата, грижата и охрабрувањето за нејзиното семејство, пријателите и соседите.
– Во екот на брзо променливиот и често проблематичен свет, нејзиното мирно и достоинствено присуство ни ја даде довербата да се соочиме со иднината, како што правеше таа, со храброст и надеж, рече Конер.
Потоа од ковчегот беа отстранети државна круна, топката и жезолот. Предметите му се даваат на деканот од Виндзор и тој ги става на високиот олтар. Овие церемонијални традиции го симболизираат крајот на владеењето на кралицата, додека таа за последен пат се разделува од својата круна.
Ковчегот потоа беше спуштен во кралската гробница, а беа изговорени и сите титули на кралицата.
Нејзиниот личен гајдаџија го отсвире својот последен поздрав до неа, додека ковчегот се спушташе во гробницата.
Хорот на капелата Свети Џорџ ја изведе и британската химна Боже чувај го кралот, која кралот Чарлс Трети ја проследи видно вознемирен и ги затвораше очите додека ја пееше.
Друг симболичен момент беше кога лордот Чембрлен, Баронот Паркер церемонијално го скрши својот стап и го стави врз ковчегот на кралицата. Тоа означуваше крај на неговата служба кај кралицата,
Поранешниот шеф на МИ5 беше назначен за највисок функционер во домаќинството на покојната кралица минатата година.
Работата на Лордот Чембрлен е да организира настани за монархот – но и да обезбеди дисциплина меѓу кралскиот персонал.
Тенкото, бело стапче за кое станува збор, историски се користело за да ги дисциплинира вработените кои не се однесуваат убаво како предупредување за да го подобрат своето однесување.
Кралското семејство ќе се врати вечерва во 20:30 часот по средноевропско време на последниот, приватен погреб далеку од камерите кога кралицата Елизабета Втора ќе биде погребана во капелата Свети Џорџ до нејзиниот сопруг принцот Филип.
Извор: МИА