Иранската студентка Наџмех Амини (23) е осудена на смрт поради објава на социјалните мрежи, која властите ја протолкувале како навреда кон пророкот Мухамед. Младата Иранка моментално се наоѓа во затвор во градот Машхад, на североистокот на земјата; пресудата сè уште не е правосилна и може да биде оспорена пред Врховниот суд, пренесува „Гардијан“.
Во посебна правна постапка, Амини била осудена на 12 години, шест месеци и еден ден затвор под обвиненија за дејствување против националната безбедност и ширење пропаганда против властите.
Амини била уапсена за време на масовните протести во јануари оваа година. Минатиот месец, таа упатила апел од затворот до меѓународната заедница, повикувајќи ги Обединетите нации, правниците и организациите за човекови права да го разгледаат нејзиниот случај.
„Не сакам да се правам хероина. Сакам само едно: бидете мојот глас“, изјавила таа во аудио-снимка од затворот.
Според иранскиот весник „Хорасан“, Амини за време на судењето изјавила дека ја напишала спорната објава откако конзумирала халуциногени печурки со пријатели. Нејзиниот адвокат тврдел дека станувало збор за непромислена изјава – односно за „лапсус“ – но судијата не го прифатил тоа објаснување. Според весникот, судијата прашал зошто Амини, додека била во истата состојба на умот, не навредила други поединци или противници на иранскиот режим, како што се САД и Израел.
Иранскиот закон предвидува смртна казна за навреда на пророкот Мухамед. Сепак, изрекувањето и извршувањето на смртни казни за богохулење се релативно ретки. Последните познати погубувања за такви дела се случиле во 2023 година, кога биле погубени двајца мажи по осудителни пресуди во случаи поврзани со активности на социјалните мрежи.
Организациите за човекови права изразија загриженост поради сè почестата употреба на смртната казна во Иран. Според организацијата „Ирански човекови права“ (Iran Human Rights), од почетокот на годината во земјата се погубени повеќе од 600 луѓе.
Организацијата предупредува дека случајот на Амини би можел да постави опасен преседан и да го отвори патот за построги казни за изразување ставови на интернет. Смртната казна изречена на Амини сè уште не е правосилна и на неа може да се поднесе жалба до Врховниот суд на Иран.
