Столтенберг: Украина, како и секоја земја има право да го одбере својот пат, Москва протестираше и за Финска и за Северна Македонија

Од:

Упативме силна порака за поддршка на членството на Украина во НАТО и секако знаеме дека Москва ќе протестира, како што протестираше во случаите на приклучувањето на Финска, Северна Македонија, на сите други сојузници. Украина има право да го избере својот пат и видот на безбедносните аранжами во кои ќе биде вклучена, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски на вториот ден од Самитот на НАТО во Вилнус.

Како што јави специјалниот известувачот на МИА од Вилнус, Столтенберг одговори на новинарско прашање во врска со тоа дали смета дека со давањето безбедносни гаранции и поддршка за Украина, сојузниците прават чекор напред кон војна со Русија, имајќи ги предвид забелешките на Кремлин, кој како опасна грешка на Западот го оцени таквиот чекор.

-Ова е фундамелтано право на секоја нација и не смееме да дозволиме Москва да почне да одлучува кој смее, а кој не смее да биде член на НАТО. Русија била против секое проширување на НАТО. На НАТО сојузниците и на Украина е да одлучат, кога ќе стане членка, Москва нема право на вето, рече Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО нагласи дека во Европа се случува вистинска војна и истакна дека трагедија за Украина ќе биде ако Путин победи, а тоа ќе претставува и опасност за Алијансата.

Столтенберг на прашањето како НАТО ќе ја зголеми поддршката за Украина, рече дека една од мерките е токму воспоставувањето на Советот НАТО-Украина, што е еден од трите елементи во пакетот, кој го одобрија сојузниците.

-Целта на таа одлука е да се зајакнат политичките врски и политичката интеракција. Советот е различен од претходната комисија, пред се поради тоа што тоа е тело, кое може да носи одлуки и во кое се состануваме како еднакви. Можеме да се состанеме на ниво на претседателите на држави и влади, како што се состануваме денеска или може да се одржи средба на ниво на министри за надворешни работи или одбрана, на амбасадорско ниво, на ниво на началници на генералштабови и на експертско ниво. Ова е многу посилно, многу пополитичко тело, ова не е само партнерство, туку нешто што го правиме заедно како еднакви, рече Столтенберг.

Тој додаде дека ова е само еден од чекорите што ги преземаат за да ја придвижат Украина кон полноправно членство.

-Денеска се сретнуваме како еднакви и со нетрпение чекам да се сретнеме како сојузници, додаде генералниот секретар на НАТО.

Би можело да ве интересира

Јенс Столтенберг: Без разлика на исходот од изборите, САД остануваат непоколеблив сојузник во НАТО

Столтенберг ги повика земјите од НАТО да му ја дадат на Киев потребната муниција и противвоздушна одбрана

Столтенберг: Сите воени објекти во Русија се легитимни цели

Столтенберг: „Сојузот на авторитарни сили“ сè повеќе соработува против Западот

Столтенберг: Ракети на НАТО беа користени за напад на Црноморската флота

Столтенберг: Нема индикации дека Путин е подготвен за мир