Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за германската агенција ДПА изјави дека очекува Шведска и Финска официјално да се приклучат на НАТО во 2023 година. Столтенберг не можеше точно да каже кога тоа ќе се случи. Сепак, тој посочи дека е „апсолутно убеден дека процесот на ратификација ќе биде завршен навреме“.
Столтенберг јасно стави до знаење дека не очекува Турција долго време да го блокира процесот на приклучување на Финска и Шведска во НАТО. Најисточната членка на одбранбената алијанса се уште ја нема ратификувано т.н протоколи за пристапување, за да се отвори патот на Финска и Шведска за влез во НАТО. Турското раководство ја оправдува својата позиција со наводната поддршка на двете земји на „терористичките организации“, мислејќи на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК).
Сепак, според некои шпекулации, улога во турската блокада играат и одлуките на одделни земји на НАТО кои ја прекинаа продажбата на оружје на Анкара. На пример, САД ја исклучија Турција од нејзината програма за производство на борбени авиони „Ф-35“ откако владата во Анкара купи противракетни системи „С-400“ од Русија, и покрај противењето на партнерите во НАТО поради безбедносни причини.
Шведска и Финска поднесоа барање за членство во НАТО во мај поради руската агресија во Украина. Турција сега вели дека тогашните договори сè уште не се исполнети, а особено во нивното реализирање доцни Шведска. Анкара, меѓу другото, бара екстрадиција на наводни терористи.
Минатата недела турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на прес-конференција со неговиот шведски колега Тобијас Билстром рече дека „не се ни на половина пат“ во спроведувањето на договорот.
Тој, меѓу другото, го критикуваше фактот што шведскиот Врховен суд неодамна ја запре екстрадицијата на новинарот Булент Кенес, што беше побарано од Турција.
Запрашан дали не би било подобро Алијансата да има можност за суспендирање на гласачкото право на земји како Турција, Столтенберг рече дека нема причина да се шпекулира каков би бил пристапот доколку денеска се преговара за основачкиот договор на НАТО.
Тој истакна дека има и разлики во мислењата кај сојузниците по прашања како што се демократијата и владеењето на правото, додавајќи дека НАТО е важен форум каде сојузниците можат да ја изразат својата загриженост.
Извор: МИА