Шведското Министерство за надворешни работи соопшти дека денеска во Шведска се одржале „конструктивни“ разговори меѓу претставници на Северна и Јужна Кореја, во кои биле вклучени и САД.
Портпаролот на Министерството прецизираше дека на разговорите доминирале теми за натамошниот развој на односите на Корејскиот Полуостров, изградбата на доверба, економскиот напредок и постигнувањето долгорочен договор меѓу двете држави.
На сосотанокот во Стокхолм присуствувале јужнокорејскиот дипломат Ли До-ху, специјалниот пратеник на САД за преговорите со Северна Кореја Стив Бигун и заменик шефот на севернокорејската дипломатија Чо Сон-ху.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку дена рече дека е одредено која земја ќе биде домаќин на неговата втора средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, која треба да се одржи кон крајот на февруари и наведе дека постои „голем напредок“ во однос на темата за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
– Одбравме земја, која дополнително ќе биде објавена, рече Трамп во Белата куќа.
Американската Влада вчера соопшти дека новата средба ќе се одржи кон крајот на февруари.
Соопштението беше објавено по средбата на Трамп со високиот севернокорејски претставник Ким Јонг-чол. Како можни домаќини на новата средба Трамп-Ким до сега се споменуваат Виетнам, Тајланд и Монголија.