Американскиот Стејт департмент не дозволи новинарка на Националното јавно радио „Ен-пи-ар“, да патува со државниот секретар Мајк Помпео во Европа и Средна Азија, изјавија од Асоцијацијата на дописници од Стејт департментот.
Новинарката Мишел Килимен била отстранета од прес пулот на новинари кои треба да патуваат со Помпео. Ова се случува неколку денови откако државниот секретар, незадоволен од прашањата за Украина поставени од друга новинарка на радиото, Мери Луиз Кели, демонстративно го напушти студиото.
Отстранувањето на репортерката Килимен од пулот е одговор на интервјуто со нејзината колешка, се вели во соопштението на асоцијацијата.
Од Стејт департментот засега нема коментари.
Како што јавија од „Ен-пи-ар“ во петокот, Помпео го прекинал интервјуто со Кели, по што викал и користел навреди, незадоволен од поставените прашања.
Прашањата биле за Украина и отпуштањето на украинската амбасадорка на САД, Мари Јованович, клучни елементи од ланецот настани што доведе до истрага во Конгресот и отповикување на претседателот Доналд Трамп.
По интервјуто, Кели изјави дека Помпео користел безобразни изрази упатени кон неа.
Во саботата, Помпео изјави дека новинарката лажела – таа договорила разговор за снимање и се сложила да постави прашањa во неслужбена форма по интервјуто, а прашањето сепак ги поставила за време на снимањето.
Од „Ен-пи-ар“ инсиситираат „веднаш да и се дозволи на репортерката Мишел, дводеценсики известувач за радиото од Стејт департментот, да земе учество во патувањето“.